Венко Филипче истакна дека зголемување на пензиите од околу 3% не е доволно да им овозможи на пензионерите достоен живот поради високите трошоци и растот на цените, повикувајќи на поголема поддршка за оваа категорија граѓани.
Зголемувањето на пензиите од околу 3% не е доволно зголемување за пензионерите да го преживеат месецот и да имаат достоинствен живот, нагласи претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по средбата со пензионери во скопската општина Карпош.
Филипче посочи дека во услови на огромен раст на цените и сите трошоци за живот, пензионерите се соочуваат со сериозен удар врз нивниот стандард, а власта не носи никакви мерки за да им помогне.
„Пензионерите никако не може да го почувствуваат зголемувањето, имајќи предвид дека зголемување од под 3%, не е доволно да се преживее месецот на толкав голем раст на сите цени, на толкав голем раст на горивата. На ваков удар на стандардот кој што се случува изминатите месеци, на пензионерите навистина има потребна поголема поддршка“, рече Филипче.
Тој посочи дека загриженоста кај пензионерите не се однесува само на пензиите, туку и на севкупните состојби во државата и политиките на власта кои директно влијаат врз животниот стандард.
„Меѓутоа и како наша најстара категорија на граѓани, тие се загрижени и за многу други работи, загрижени се за севкупните случувања во земјата, загрижени се за тоа што е загрозен европски пат, загрижени се за тоа што земјава е презадолжена, загрижени се за сите други лоши политики во однос на стандардот, економијата, финансиите, свесни се дека и нивните деца, навистина, лошо и тешко живеат, загрижени се затоа што огромен број од нив бараат излез и спас надвор од државата“, рече Филипче.







