Мицкоски: Над 90 милиони евра вложени во образовната инфраструктура, продолжува реконструкцијата на училиштата и студентските домови

Макфакс

29/09/2026

11:50

146

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски ги информираше јавноста за вложените средства во образовната инфраструктура во изминативе две години и три месеци, истакнувајќи дека инвестициите надминуваат 90 милиони евра и дека се продолжува реконструкцијата на училиштата и студентските домови.

Премиерот Христијан Мицкоски, денеска, одговарајќи на новинарско прашање во однос на критиките во делот на образовната инфраструктура, што направи Владата во изминативе две години и три месеци за подобрување на условите за учениците и студентите, изјави:

„Што се однесува до образовната инфраструктура, во овој момент можам да кажам дека Владата има инвестирано повеќе од 90 милиони евра за овие 26-27 месеци. Од коишто половина се директно од Министерството за образование, во делот на студентските домови. Еве, утре еден таков нов, реконструиран, модерен, современ студентски дом ќе биде пуштен, тоа е студентскиот дом „Стив Наумов“. Многу скоро ќе биде и вториот студентски дом „Кузман“, но исто така и сите студентски и ученички домови ќе бидат и веќе почнат е тој процес на нивна реконструкција и обновување. Нешто што со децении не било направено. Има многу работи коишто треба да се направат. Приоритет по приоритет, еден по еден, тие приоритети ги решаваме. И отприлика уште 45 милиони евра преку АА програмата, односно преку оној проект на децентрализирање средства од централниот буџет кон општините се наменети за проекти во образованието, реконструкција на основни и средни училишта.

Така што, инвестициите се огромни и тоа можам да кажам дека претставува еден приоритет на оваа Влада и ве поканувам еве утре заедно, мислам дека утре е потврден настанот, во рамките на „Стив Наумов“ студентскиот дом, да можеме заедно да го отвориме, да прошетаме, да видиме како сето тоа изгледа и какви услови ќе имаат нашите студенти.“