Вучиќ тврди дека некои однадвор, а некои одвнатре ќе се обидат да предизвикаат немири во изборната ноќ

Макфакс

27/09/2026

17:08

292

Големина на фонт

а а а

Александар Вучиќ најави мерки за формирање нова влада при победа на изборите и предупреди за можни обиди за немири во изборната ноќ, истакнувајќи потреба од фокусираност на парламентарните избори и важноста на нивниот исход за иднината на Србија.

Претседателот на Србија и носител на листата „Обединета Србија“, Александар Вучиќ, најави дека доколку неговата листа победи на предвремените парламентарни избори на 25 октомври, би формирал влада со 12 министерства, наместо сегашните 31.

Вучиќ рече дека од утре официјално почнува предизборната кампања и најави дека, доколку победи и стане премиер, би разгледал и дел од предлозите на опозициските кандидати за реформи во државата.

Тој истакна дека доколку неговата листа загуби, ќе го признае поразот и ќе им честита на победниците.

Вучиќ, сепак, предупреди дека во изборната ноќ би можеле да има обиди за предизвикување немири. Според него, домашните служби имаат информации дека „некои однадвор“, со помош на лица од државниот апарат, би можеле да се обидат да предизвикаат нереди.

Тој не изнесе детали за наводните планови, но рече дека безбедносните служби ќе ја решат ситуацијата.

Вучиќ претстојните избори ги оцени како „историски“ и изрази уверување дека листата што ја предводи ќе победи. Според него, таквиот исход би значел продолжување на економскиот раст и развој, зачувување на мирот и заштита на државните интереси.

Во врска со претседателските избори, Вучиќ рече дека спроведува „стратегија на тивки претседателски избори“ и дека тоа, како што наведе, требало да биде јасно уште пред шест месеци.

Тој додаде дека меѓу парламентарните и претседателските избори ќе има повеќе од еден месец, бидејќи кампањата за претседателските избори е пократка.

„Барам целосна фокусираност, апсолутна концентрација на парламентарните избори, на победата, бидејќи парламентарните избори ќе го определат патот на Србија“, рече Вучиќ.