Чешкиот претседател: Можеби ќе дојде време кога ќе мора да собориме некои од авионите или беспилотните летала што ја тестираат нашата подготвеност

Макфакс

25/09/2026

12:20

189

Големина на фонт

а а а

Чешкиот претседател Петр Павел изјави дека во одреден момент НАТО би можел да биде принуден да соборува авиони и беспилотни летала за кои смета дека намерно го нарушуваат воздушниот простор на членките на Алијансата, со оценка дека Москва ја толкува воздржаноста на Западот како слабост.

Павел го изјави ова во интервју за „Фокс њуз“ на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.

„Можеби ќе дојде време кога ќе мора да собориме некои од тие авиони или беспилотни летала што ја тестираат нашата подготвеност“, рече Павел.

Чешкиот претседател, поранешен генерал и поранешен претседател на Воениот комитет на НАТО, изјави дека земјите од Алијансата разбирливо сакаат да избегнат ескалација, но оцени дека отсуството на порешителен одговор може да се протолкува од Москва како недостаток на волја за дејствување.

„Она од што се плашам е дека тие го гледаат недостатокот на волја од наша страна да преземеме решителни мерки како слабост. И ја почитуваат силата“, рече Павел.

Тој направи разлика помеѓу случајно влегување во воздушниот простор на НАТО и намерно кршење на границата при што авионот не реагира на предупредувањата и обидите за воспоставување контакт.

Според него, во случај кршењето на воздушниот простор да е намерно, а авионот да не реагира на мерките на Алијансата, НАТО ќе мора да дејствува, бидејќи во спротивно, како што оцени, Русија ќе продолжи да „оди сè подалеку и подалеку“.