Стојкоски: По стапувањето на должност побаравме ревизија, слабостите системски се отстрануваат

Макфакс

25/09/2026

12:10

182

Големина на фонт

а а а

Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) соопшти дека од 2025 година презема активности за отстранување на слабостите во работењето, откако по стапувањето на должност на актуелното раководство била побарана ревизија од Државниот завод за ревизија (ДЗР).

Директорот на ДПИ, Влатко Стојкоски, посочува дека објавениот ревизорски извештај се однесува на работењето на Инспекторатот во 2023 и 2024 година.

„По стапувањето на должност, од наша страна беа согледани дел од недостатоците и предизвиците со кои се соочува институцијата. Токму поради потребата од целосен и независен увид во состојбите, беше поднесено барање за спроведување ревизија до Државниот завод за ревизија“, наведува Стојкоски.

Од ДПИ велат дека преземаат мерки за отстранување на утврдените недостатоци, зајакнување на човечките капацитети, подобрување на финансиската и материјалната евиденција и унапредување на инспекциските постапки и дигиталните процеси.

Посебен акцент, според Инспекторатот, е ставен на кадровското екипирање, поради широките надлежности на институцијата и обемот на инспекциските надзори.

Во делот на дигитализацијата, ДПИ со поддршка од ЕУ работи на ново системско-софтверско решение кое треба да ги опфати сите работни процеси во институцијата.

Паралелно се преземаат активности за подобрување на финансиското и материјалното работење, евиденциите и постапувањето со средствата и предметите со кои располага Инспекторатот. Најавено е и зајакнување на капацитетите за контрола на безбедноста на производите и обезбедување услови за континуирани лабораториски испитувања.

Од ДПИ нагласуваат дека активностите за надминување на утврдените недостатоци се започнати во 2025 година, додека ревизорскиот извештај го опфаќа периодот 2023–2024 година.

Инспекторатот соопшти дека ќе продолжи со постапување по препораките на Државниот завод за ревизија и со активности за унапредување на работењето.