Кога ќе дојде време за купување автомобил, едно прашање речиси секогаш се појавува уште пред бојата, опремата и годината на производство: дизел или бензинец? Кај македонските возачи дизелот со години важеше за поекономичен избор. Помалку троши, подобро „влече“, а на отворен пат знае да биде значително поштедлив. Но, таа пресметка веќе не е толку едноставна.
Во моментов литар еуросупер БС-95 во Македонија се продава по 99 денари, додека еуродизелот е 104 денар за литар, според актуелните максимални малопродажни цени. Значи, дизелот е поскап на бензинската пумпа, а предноста ја бара во помалата потрошувачка.
Да земеме едноставен пример. Бензински автомобил кој во просек троши околу 7,5 литри на 100 километри, за поминати 20.000 километри годишно би потрошил околу 1.500 литри гориво. Со сегашната цена тоа се приближно 145.500 денари.

Дизел автомобил со просечна потрошувачка од околу 6,2 литри би потрошил 1.240 литри на истата километража, или околу 125.000 денари. Разликата е нешто повеќе од 20.000 денари годишно во корист на дизелот.
Автомобилските познавачи посочуваат дека дизел моторот најмногу има смисла за луѓе кои годишно минуваат најмалку 20.000 до 25.000 километри и голем дел од нив ги возат на отворен пат или автопат. Кај таквото возење пониската потрошувачка може да ја оправда повисоката цена на автомобилот и потенцијално поскапото одржување.
„Ако дизел моторот не се користи редовно при поголеми брзини и оптоварување, неговите компоненти не постигнуваат доволна температура“, предупредуваат автомобилски советници, особено посочувајќи го филтерот за честички.
Токму тука е проблемот за голем број возачи во Скопје и другите градови. Пет километри до работа, гасење. Три километри до градинка, повторно гасење. До маркет, назад дома… Современиот дизел не го сака баш тоа.

При кратки градски релации ДПФ-филтерот потешко ја завршува регенерацијата, а со текот на времето може да дојде до затнување. Тука се и ЕГР-вентилот, турбината, дизел-пумпата и инјекторите, компоненти кај кои евентуалниот дефект може сериозно да ја наруши целата заштеда направена на гориво. Анализите за одржување покажуваат дека дизел моторите во просек носат посложени и поскапи поправки од бензинските.
Кај бензинецот приказната е поинаква. Обично троши повеќе, особено на отворен пат, но за возач кој годишно минува 10.000 или 15.000 километри, претежно низ град, разликата во гориво често не е доволна за дизелот да стане поисплатлив.
„За кратки градски патувања бензинскиот мотор е поразумен избор“, е ставот што сè почесто го застапуваат познавачите на автомобилскиот пазар.
Современите дизели едноставно се направени да поминуваат километри, а не постојано да се палат и гасат на релации од неколку минути.
Остатокот од текстот прочитајте го на следниот ЛИНК.












