Трајанов: Постои Национална платформа за намалување на ризици од катастрофи, усвоена е во 2019 година

Макфакс

23/09/2026

11:50

166

Големина на фонт

а а а

Павле Трајанов соопштува дека постои усвоена Национална платформа за намалување на ризици од катастрофи од 2019 година, која има за цел да го унапреди и обедини системот за управување со кризи, заштита и спасување во земјата.

Павле Трајанов вели дека тврдењата оти во земјава не постои стратегија или платформа за спречување и справување со можни катастрофи се неточни и посочува дека уште во септември 2019 година Владата усвоила Национална платформа за намалување на ризици од катастрофи.

„Во врска со изјавите и дилемите во јавноста дека не постои стратегија, односно платформа за спречување на можни катастрофи од пожари, земјотреси, поплави, суши, радиоактивен отпад, терористички акти, сајбер напади, загадување на воздухот, појава на епидемии и друго, сакам да нагласам дека се целосно паушални и неточни тврдења, пред сè поради немање институционална меморија“, вели Трајанов.

Според него, Националната платформа била усвоена од Владата во септември 2019 година, а од одделите на Обединетите нации била оценета со највисока оценка, со најава за финансиска поддршка на Акцискиот план за модернизација на системот за управување со кризи, заштита и спасување, вклучително и на територијалните противпожарни единици.

Трајанов посочува дека во Платформата е предвидена темелна реформа на системот за управување со кризи преку обединување на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, функционално поврзување на територијалните противпожарни единици и воспоставување единствена команда.

Како што наведува, Платформата била изработена врз основа на претходна анализа на меѓуресорска работна група, како и анализи и проценки на УНДП, НАТО, ОБСЕ, Воената академија, Европската команда на САД, Европскиот цивилен механизам и други документи и анализи поврзани со системот за управување со кризи.

„Во Платформата јасно се дефинирани обврските на многу институции и потребата од реформи и насоки како да се реформира системот за управување со кризи, заштита и спасување“, вели Трајанов.

Тој оценува дека реформите доцнат поради, како што вели, „незаинтересираност и отпорот на раководните, поранешни работници во ЦУК и ДЗС“.

Трајанов додава дека Владата пред две години формирала меѓуресорска работна група, која до крајот на оваа година треба да подготви закон во кој ќе бидат вградени реформските определби и ќе се воспостави нов и обединет систем за управување со кризи, заштита и спасување.