Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот објави дека донел забрана за пристап до Белата куќа на телевизиските мрежи CNN и MSNOW (порано MSNBC) и за порталот Politico, „со моментален ефект“.
Трамп напиша на својата социјална мрежа Truth Social дека веднаш им го забранува пристапот на CNN, MSNOW и Politico во Белата куќа поради нивното постојано ширење лажни вести.
„На медиумите не би смеело да им се дозволи постојано да објавуваат или известуваат ИЗМИСЛИЦИ и ЛАГИ кога известуваат за претседателот на Соединетите држави, администрацијата на Трамп или Соединетите држави“, напиша тој.
„Ќе следат други медиуми кои шират лажни информации “, се закани американскиот претседател.
„Другите би можеле да следат… New York Times е лажна вест. Washington Post е лажна вест. Грди весници, кои, патем, се многу лоши“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба.
Во исто време, Трамп дозволи дека овие медиуми „би можеле да се подобрат“ доколку престанат да објавуваат лажни вести.

Новинарите го прашаа американскиот челник дали ваквите дејствија се во согласност со правото на слобода на говорот предвидено со Првиот амандман од уставот на САД.
Трамп изјави дека не ја донел одлуката од никакви посебни причини. Тој рече дека аргументите во полза на забраната се „натрупале“. „Тие намерно пишуваат негативни вести, обидувајќи се да ги потценат достигнувањата на републиканската администрација“, објасни американскиот челник.
Трамп објави и дека неговата администрација ќе ги тужи CNN и MSNOW, како и Politico.
„Веќе имаме доста тужби (против медиуми). И ќе ги тужиме и овие луѓе. Но, забраната е затоа што шират лажни вести“, рече Трамп за време на настан во Белата куќа на кој се дискутираше за новата забрана.
Трамп, исто така, ги потсети новинарите на неговите минати правни битки со медиуми, вклучувајќи ги CBS и BBC.












