Теа Трајковска влегува во нова музичка фаза со „ASTRO“, проект во кој музиката, астрологијата и визуелниот израз се спојуваат во една заокружена приказна. Новиот EP носи четири песни инспирирани од четири хороскопски знаци, а прва пред публиката пристигнува „Карамела“, посветена на Вагата.
Ова музичко парче е авторско дело на Теа Трајковска, додека музиката и аранжманот ги потпишува Лазар Цветкоски, со кого таа заедно го гради проектот. „Карамела“ е песна што подолго време се создава и дооформува, а нејзиниот специфичен карактер бил една од причините токму со неа да биде отворена приказната на „ASTRO“.
„’Карамела’ е првата песна од мојот нов миниалбум, односно EP, која решивме заедно со мојот продуцент да ѝ ја претставиме на публиката. Ја избравме токму неа затоа што можеби е една од најспецифичните песни на EP-то, но и затоа што е песна на која најдолго работиме и ја имаме“, открива Теа.

Музичката приказна добива и своја визуелна интерпретација. Видеоспотот за „Карамела“ е изграден во ретро-филмски манир, со естетика што ја следи атмосферата на песната и го заокружува нејзиниот визуелен идентитет. Зад видеото стои Никола Наумовски, кој преку својот пристап ја преточува замислата на Теа и нејзиниот тим во визуелна целина.

Во претстојниот период, „ASTRO“ ќе ја открива својата приказна преку уште три песни - „Меѓу добро и зло“, инспирирана од Овенот, „Ноќта нема крај“, посветена на Стрелецот, и „Ми амор“, која го носи карактерот на Девицата. Заедно со „Карамела“, посветена на Вагата, тие го сочинуваат музичкиот универзум на новиот EP на Теа Трајковска.













