Во пресрет на 47. издание на Интерационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се сретна со директорот Димитрија Доксевски и други претставници, при што беше истакнат значењето и престижот на фестивалот како меѓународен настан со голем културен и уметнички домет.
Во пресрет на 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, покровителка на фестивалот, се сретна со директорот Димитрија Доксевски, актер, сценарист и продуцент и со Марија Димитрова, продуцентка и претседателка на Друштвото на филмски работници.

Доксевски и Димитрова ја информираа за импресивната програмска содржина, што брои над 80 филмови и повеќе од 20 едукативни содржини врзани за филмската камера и уникатниот визуелен јазик.

Посебен печат на 47. издание му дава присуството на славни имиња од светската кинематографија, меѓу кои и Дан Лаустсен, добитник на „Златна камера 300“ за животно дело и Џеф Кроненвет, кому му се доделува специјалната „Златна камера 300“, за особен придонес во филмската уметност. За одбележување е повторното доаѓање на полско-американскиот кинематографер и двократен оскаровец Јануш Камински, кој во 2020 година ја прими „Златна камера 300“.

Според претседателката, долговечноста и високите уметнички стандарди и критериуми, го легитимираат „Браќа Манаки“ како фестивал од меѓународен формат. Битола, смета таа, кога почетокот и крајот им припаѓаат на македонски филмови, станува светска кинематографска метропола на културен дијалог и натпревар, во којшто рамноправно учествуваме, докажувајќи дека малото може да биде убаво и уметнички големо.












