Во Културно информативниот центар – Скопје ќе се одржи промоција на книгата „Септемвриска тетратка“ од Гордана Михаилова Бошнакоска, поетеса со богато творештво, награди и значајно место во македонската литература.
Во Културно информативниот центар – Скопје, на 17 септември 2026 год. во 19:19 часот Салон -Империјал 1 ќе се оддржи промоција на книгата „Септемвриска тетратка“, од Гордана Михаилова Бошнакоска.
Книгата ќе ја промовира Сузана В. Спасовска, стиховите ќе ги кажуваат артистите Софиа Насевска Трифуновска и Борче Начев
Гордана Михаилова Бошнакоска е родена на 1септември 1940 год. во Битола. Студирала на Филолошкиот факултет Св. Кирил и Методиј во Скопје. Пишува поезија, проза , есеи за литература и уметност (сликарство и скулптура). Има објавено петнаесет збирки поезија првата ВРЕМЕТО ГО НЕМА 1965, а последната КИЛИБАР И МЛАДОСТ 2024. Наградата Браќа Миладиновци ја доби за збирката ПЛАНИНИ ОД КАРТОНСКИ КУТИИ, наградата ,,Ацо Шопов,, што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија, ја доби за збирката ПЕСНА НА РИДОТ, како и наградата ,,Празник на липите“. Застапена е во сите поетски антологии во Македонија и странство, како и во панорамски прикази. Преведени се нејзините песни на сите светски јазици. Поединечни преводи се објавени на нејзини поетски избори како и збирката ТОЛКУВЊЕ НА МОРЕТО. Од Македонија застапена е во антологијата ,,13 Ѕвезди на словенското небо,, што ја издаде Словенската акдемија за литература и уметност од Варна ( Бугарија), каде е и нејзин член и носител на највисокото признание ,,Големо летечко перо,, за целокупно творештво. Македонската ТВ има снимено две емисии за нејзината поезија и проза, како и Македонското радио ја застапи во звучната антологија на македонската поезија. Носителка е на признанието Витез на пишаниот збор како и на највисокото признание на ДПМ ,,Книжевен жезол,, за целокупно творештво. Ги има објавено збирката раскази БОСФОРСКО ЛЕТО и романот ПОТРАГА ПО ПРИКАЗНА. Настапувала на бројни литературни манифестации во Македонија и во странсто. Добитничка е на стипендијата Фулбрајт со престој во САД. Застапена е во изданијата за литература од Министерството за култура на Македонија (р. бр. 50) , како и во македонската енциклопедија. За нејзиното творештво пишувале многу македонски автори од сите генерации, како и автори од други земји.
„Септемвриска тетратка“ е книга на мигови што остануваат. Од секојдневни случувања, лични согледби и ненадејни внатрешни допири со светот, Михаилова Бошнакоска создава поезија која истовремено е интимна и универзална. Во овие песни зборот е и запис и сведоштво, и размисла и чувство. Низ префинета поетска форма, авторката ги открива скриените значења на обичните нешта, спојувајќи ги интелектуалната проникливост, етичката чувствителност, благородноста и тивкиот хумор. „Септемвриска тетратка“ е книга на творечка зрелост и духовна будност – книга што не се чита само со очите, туку и со внатрешниот слух на читателот.
















