Наместо во служба на правдата и граѓаните, правосудството се претвори во бастион на СДС и ДУИ кој го штити Филипче, Заев и останатите, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Макфакс

15/09/2026

09:00

213

Големина на фонт

а а а

Правосудниот систем во Македонија се претвори во бастион на политичките партии СДС и ДУИ, кои преку влијание во правосудните органи ја штитат својата мрежа и лица како Венко Филипче и Зоран Заев, додека истрагите и пресудите се манипулираат за заштита од одговорност.

Македонското правосудство се претвори во бастион на СДС и ДУИ и со сите преостанати сили се стави во служба на одбрана на нивните криминалци, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Остатоците на СДС и ДУИ во правосудните органи за да ги спасат од кривична одговорност Венко Филипче, Зоран Заев и таквите како нив укинуваат пресуди, стопираат истраги, враќаат предмети на повторување на постапки.

Зависно од предметот и што тоа му треба на ликот кој се гони или треба да се гони за одредено кривично дело.

Така, за автобуската несреќа на Дурмо Турс кај Ласкарци со 16 жртви, пресудата е укината. За 14 жртви кои живи изгореа во пожарот во модуларната болница во Тетово, затворена е истрагата и обвинение за кривична одговорност за Филипче нема. Тука е запрената истрага за случајот Мазут, тежок 167 милиони евра“.

Сето ова, додаваат од владејачката партија, не е случајност, затоа што, како што велат, ова е правосудниот систем воспоставен од СДС и ДУИ кој и ден денес ги штити нивните луѓе и интереси. „Ова покажува дека СДС и ДУИ ја загубија власта, но нивните судии и обвинители останаа нивното последно упориште за одбрана на нивниот криминален систем што го создаваа со години.

Малкумината остатоци на СДС и ДУИ бирани во партиските штабови во Зајас и Струмица кои грчевито ги штитат од одговорност нивните поранешни државни функционери се ликови како Ислам Абази, Вилма Русковска, Добрила Кацарска, Африм Фидани“.

Според ВМРО-ДПМНЕ, секогаш кога луѓе на СДС и ДУИ треба да одговараат пред лицето на правдата, тука се нивните инсталации во правосудството за предметите да се развлекуваат, истрагите да се затвораат, а пресудите да паѓаат.

„Од Ласкарци и Модуларната до случајот Мазут, истата правосудна мрежа ги штити истите политички структури и тоа е причината зошто граѓаните во правосудството имаат само 2% доверба.

Затоа што правосудството, наместо да биде бастион и упориште на правдата, се претвори во бастион на СДС и ДУИ.

Но, и СДС и ДУИ, и нивните корумпирани ликови, треба да знаат дека времето на недопирливите мора и ќе заврши, одговорност за секој според делото, ќе има“.