[ФОТО] Камениот мост добива нов сјај, започнаа активностите за архитектонско и декоративно осветлување

Макфакс

14/09/2026

15:50

230

Големина на фонт

а а а

Започнаа активностите за архитектонско и декоративно осветлување на Камениот мост во Скопје, со цел да се нагласи неговата историска вредност и да се создаде впечатлива ноќна слика која ќе го истакне овој симбол на градот.

Започнаа активностите за архитектонско и декоративно осветлување на Камениот мост, еден од најзначајните симболи на Скопје и препознатливите обележја на градот, соопштија од Град Скопје.

Проектот, како што е нагласено, има за цел да ја истакне архитектонската убавина и историската вредност на Камениот мост, создавајќи впечатлива ноќна визура која ќе биде дел од препознатливата панорама на Скопје.

„Постојат места во кои живее душата на еден град.
За Скопје, тоа е Камениот мост.
Сведок на времето, спој на двата брега на Вардар и на многу генерации, мост во кој се препознаваат историјата, идентитетот и гордоста на скопјани.
Денес започнаа активностите за негово декоративно и архитектонско осветлување – проект со кој неговата убавина ќе добие посебно место во ноќната панорама на нашиот град. Современото осветлување ќе биде внимателно усогласено со архитектонските карактеристики и историската вредност на мостот, истакнувајќи ги неговите препознатливи сводови и автентичност.
Ќе создадеме глетка на која скопјани ќе се гордеат, а посетителите ќе ја понесат како еден од најубавите спомени од Скопје.
Овој проект е плод на пријателството и добрата соработка со Општина Есенлер, потврдени преку неодамна потпишаниот Протокол за соработка.
Изразувам искрена благодарност до Општина Есенлер за поддршката, како и до сите институции, стручни лица и поединци што придонесуваат за неговата реализација.
Заедно покажуваме дека искрените партнерства оставаат трајна вредност за градот и за граѓаните.
Нашите симболи ја носат приказната за тоа кои сме.
Наша обврска е да ги чуваме, да се грижиме за нив и достоинствено да им ги предадеме на идните генерации.
Скопје ги чува своите симболи.
Скопје повторно станува горд град“.

Реализацијата на проектот, истакнуваат од Град Скопје, е резултат на пријателството и добрата соработка со Општина Есенлер, Република Турција, потврдени преку неодамна потпишаниот Протокол за соработка.

Од Градот Скопје изразуваат благодарност до Општина Есенлер за поддршката, како и до сите институции, стручни лица и поединци кои се вклучени во реализацијата на проектот.

„Нашите симболи ја носат приказната за тоа кои сме. Наша обврска е да ги чуваме, да се грижиме за нив и достоинствено да им ги предадеме на идните генерации. Камениот мост е симбол на Скопје и заслужува да ја добие вистинската светлина и во ноќната панорама на градот“, порачаа од Градот Скопје.