Здружението на резервисти на Германија оценува дека доколку партијата Алтернатива за Германија (АФД) дојде на власт во Саксонија-Анхалт, тоа претставува сериозен <b>безбедносен</b> ризик бидејќи доверливи воени документи може да завршат кај Русија. По покраинските избори, каде АФД постигна рекорден пласман, се дискутира за повлекување на оперативниот план од Владата заради заштита на националната безбедност.
Здружението на резервисти на Германија оцени дека евентуалната влада на Алтернатива за Германија (АФД) во покраината Саксонија-Анхалт би претставувала безбедносен ризик и побара „Оперативниот план на Германија“ да биде повлечен од покраинската влада во Магдебург.
„Оперативниот план на Германија“ е строго доверлив документ од повеќе од 1.000 страници и го чуваат сите 16 покраински влади.
Тој содржи клучни мерки за одбрана на Германија и нејзините сојузници во случај на вонредна состојба, вклучувајќи планови за движење на силите на НАТО низ Европа.
Претседателот на Здружението на резервисти, Бастијан Ернст, од редовите на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), изјави дека, во случај AФД да дојде на власт, доверливите документи речиси сигурно би можеле да стигнат до Русија, објави денес „Шпигел“.
„АфД претставува голема опасност за нашата земја“, рече Ернст, додавајќи дека затоа „Оперативниот план на Германија“ треба да се повлече од Саксонија-Анхалт.
Како алтернатива, тој предложи документот да се чува во Министерството за одбрана и дека до него може да се пристапи само со претходно одобрение.
„Во случај на војна, сепак би важеле различни правила“, рече Ернст, истакнувајќи дека федералната влада тогаш би имала поголеми можности да влијае врз покраините.
Дебатата за заштитата на планот доби на значење по покраинските избори во Саксонија-Анхалт, на кои АфД доби рекордни 43,8 проценти од гласовите, потсетува германскиот весник, додавајќи дека ЦДУ изгубила повеќе од половина од гласовите во споредба со претходните избори.
Ова отвора можност АфД да формира покраинска влада за прв пат во историјата на Сојузна Република Германија.
Оваа партија е позната по својата политика, која се смета за поволна за Русија, забележува „Шпигел“.












