Герасимовски: Нема цензура, туку политички театар, ЗНАМ и Левица глумат жртви и ја манипулираат јавноста

Макфакс

12/09/2026

20:50

237

Големина на фонт

а а а

Горан Герасимовски, градоначалник на Општина Центар, одбива обвинувања за цензура при прекинот на интернет преносот од седницата на Советот, објаснувајќи дека прекинот бил технички проблем и го означува како политичка манипулација од страна на ЗНАМ и Левица.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги отфрли обвинувањата од „ЗНАМ“ и советникот на Левица, Куцуловски, дека имало цензура на снимката од седницата на Советот, која во живо се пренесувала на јутјуб-каналот на општината.

Герасимовски тврди дека прекинот во преносот бил последица на технички проблем, односно прекин на интернет-врската, а не обид за прикривање на дел од седницата.

„Нема цензура таму каде што сè е јавно. Темата „Батурана“ не е ниту скриена, ниту нова. За неа јавно се дебатираше на седници на Советот и на јавна презентација, во присуство на граѓани“, наведува Герасимовски.

Тој посочува дека ставовите и изјавите на советниците во врска со темата се јавно достапни и дека ништо не било избришано или сокриено.

Според градоначалникот, претставувањето на техничкиот прекин на интернет-врската како цензура е „манипулација со јавноста“.

Герасимовски ги обвини „ЗНАМ“ и Левица дека од технички проблем се обидуваат да создадат политичка тема и дека, како што наведува, „глумат жртви“ за собирање политички поени.