Мицкоски: Има прашања за кои нема компромиси и договори под маса, нема играње со нашиот идентитет, јазик и култура

Макфакс

08/09/2026

16:40

315

Големина на фонт

а а а

Христијан Мицкоски во своето обраќање по повод Денот на независноста ја истакна важноста на празникот 8 Септември и подвлече дека нема компромиси кога се во прашање македонскиот идентитет, јазик и култура. Тој повика на дијалог и обединување со цел да се врати достоинството на земјата и да се обезбеди подобра иднина за сите генерации.

Пред триесет и пет години нашите граѓани не гласаа само за нова политичка реалност, за нови институции, за сопствено знаме, валута или место меѓу државите во светот, тие гласаа една вековна идеја, дека еден ден на овие простори ќе постои слободна држава која самата ќе решава за својата иднина. Затоа 8 Септември е повеќе од празник на независноста, истакна во своето обраќање премиерот Христијан Мицкоски по повод Денот на независноста.

Мицкоски потсети дека во изминатите три и пол децении, се изградени институции, создаден сопствен монетарен и економски систем, станавме членка на Обединетите нации, станавме членка на НАТО. Минавме, како што рече, низ ембарга, кризи, конфликти, економски потреси и политички поделби, бевме исправени пред тешки прашања за сопствената иднина.

„Но имаше и моменти кога не бевме доволно добри. Имаше години што ги изгубивме, можности што ги пропуштивме.
Имаше генерации кои очекуваа повеќе од нас, а добија помалку. Се донесоа болни одлуки, направија тешки отстапки. Се смени знаме, устав, име.
Премногу луѓе заминаа затоа што не видоа простор во својата земја да го остварат она што го знаат и можат, премногу чесни луѓе гледаа како пред нив поминуваат оние со подобри врски, со поголема политичка заштита или со помалку совест, а вредните, тивките и способните луѓе, оние на чии рамена всушност стои секоја држава, останаа невидливи“.

Затоа, потенцира тој, триесет и петтата годишнина од независноста мора да биде пресвртница.

„Нашата борба е да создадеме земја во која едно дете, без разлика каде е родено и колку пари имаат неговите родители, ќе може со знаење и труд да стигне до врвот, земја во која еден млад лекар нема да мора да замине илјадници километри за да има достоинствен живот, земја во која еден земјоделец ќе знае дека неговата работа има вредност, еден претприемач дека законот ќе важи еднакво за сите, а еден работник дека неговиот труд не е евтина ставка во туѓ биланс.

Тоа е борбата за државата денес, да се врати вредноста на чесноста. Да се врати авторитетот на знаењето, достоинството на трудот. Да се прекине со онаа практика во која некои луѓе функцијата ја разбирале како привилегија, државата како плен, а народните пари како сопствена каса“.

Мицкоски оцени дека живееме во општество на длабоки контрасти, кои не живеат толку кај народот колку во политичките елити.

„Разбирам дека нивната главна задача е да извалкаат се што носи напред, да поделат да внесат сомнеж во се што се прави, дури во радоста и прославата за овој 8 Септември. Тие се фабрика за произведување безнадежност, очај и нихилизам. Омраза која го труе општеството, пера кои клеветат, навредуваат“.

Според него, тие се тегот кој влече надолу, и сето тоа како резултат на тоа што сакаат власт, поради пари и моќ, не поради идеја и концепт. Порача дека дава шанса на дијалогот.

„Ќе градам мостови, ќе подавам рака за прашања важни за нашата иднина и нема да се откажам од тоа да нудам дијалог, затоа што сечија суета, па и мојата не значат ништо кога во прашање е Македонија“. 

Мицкоски потенцира дека има и прашања за кои нема компромиси и договори под маса, нема играње за како што нагласи, нашиот идентитет, јазик и култура.

„Јас работам да сме генерацијата која ќе ја внесе државата во Европската Унија. Нема друга алтернатива. Но истовремено секој од вас треба да знае дека има уште еден последен предизвик кој што стои пред нас, не за да го завршиме патот туку да го почнеме. Не затоа што имаме некоја гаранција дека ќе стигнеме до целта, туку да го почнеме да го чекориме тој пат. И ќе ги слушнете сите оние лицемерни крици од немоќни од нашиот политички противници или барем дел од нив, кои што велат во една состојба на самозадоволување, решете го проблемот. А ни најмалку не се свесни дека тие се тие кои што во суштина го креираа проблемот, кој што од предлог прифаќајќи го на авантуристички начин создадоа услов за нашиот напредок кон полноправно членство во рамките на ЕУ. Истите тие кои што денеска ги слушаме како на отворена сцена не повикуваа да го решиме. И да ќе го решиме. Но треба трпение. Најпрво да се создаде доверба, а за да се создаде доверба треба да се престане да се игнорираат пресудите на Судот за човекови права во Стразбур за македонската заедница“.

По 35 години независност, според Мицкоски најважната лекција што треба да ја научиме е дека државата нема луѓе за делење.

„Премалку сме за да се делиме, а предолго сме се делеле за да не разбереме колку скапо нè чинат поделбите.
Не мора сите да мислиме исто. Не мора да припаѓаме на иста политичка партија, да имаме исти убедувања или ист поглед за секое прашање. Демократијата значи да се разликуваме. Но државата значи да знаеме што е она што е поголемо од нашите разлики“.