СДСМ предупредува на нов ценовен шок поради поскапување на дизелот, кој ќе достигне рекордни 101 денар за литар, што ќе влијае на раст на трошоците за живот, транспорт и храна, додека владата не презема соодветни мерки.
Нов ценовен шок за граѓаните, од утре за шест денари поскапува дизелот и ќе изнесува рекордни 101 денар за литар. Ова поскапување е директен удар врз ионака осиромашените семејните буџети на граѓаните, оценуваат од СДСМ.
Поскапувањето на дизелот, како што потенцираат, значи поскап транспорт, поскапо производство и на крајот – поскапа храна.
Предупредуваат дека цените на храната веќе се до плафон.
„Потрошувачката кошничка достигна речиси 90.000 денари со кирија, а платите стагнираат.
Половина од семејниот буџет на македонските граѓани оди за храна и пијалаци. Овој ценовен бран затоа ќе биде уште потежок
Инфацијата од 2,6% што денеска ја измери статистика, за граѓаните не значи поевтин живот.
Цените веќе пораснаа.
СДСМ постојано ја повикуваше власта да преземе мерки и предупредуваше дека еднаш зголемените цени, потоа нема да се вратат назад.
Тоа и се случи – Цените не се вратија назад.
За само две години општото ниво на цените е зголемено за 7 %.
Куповната моќ на граѓаните е трајно намалена“.
Според опозициската партија, на граѓаните не им требаат статистиките и процентите од Мицкоски.
Нивната статистика, како што велат, е празниот фрижидер и паричник.
„Додека Мицкоски се фали со економски бројки, со некаква трета економија, граѓаните плаќаат поскапа храна, поскапи сметки и повисоки трошоци за живот.
Мицкоски и неговата Влада, наместо мерки за граѓаните, трупаат нови долгови, врз грбот на граѓаните.
За само две години создадоа нов долг од околу 4 милијарди. Јавниот долг се движи кон 12 милијарди евра или над 65 % од БДП. Ова не се пари за мерки за граѓаните, ова се пари за криминалните партиски тендери на Мицкоски и неговата ВМРО -ОКГ“.












