Претседателот Володимир Зеленски ги предупреди авиокомпаниите и осигурителите за зголемениот ризик во рускиот воздушен простор поради украинските беспилотни летала, повикувајќи на претпазливост при летовите кон Москва, Санкт Петербург и други главни градови во Русија.
Претседателот Володимир Зеленски на 1 септември ги предупреди авиокомпаниите, осигурителните компании и странските влади дека рускиот воздушен простор поради украинските беспилотни летала ќе стане „де факто затворен“. Украина не му се заканува на цивилното воздухопловство, но авиопревозниците кои летаат кон Москва, Сankt Петербург или други поголеми сообраќајни центри мора да сметаат на ризик, објави Зеленски на Телеграм, пишува „Киев индипендент“.
„Денес сакаме да ја предупредиме секоја авиокомпанија што го користи рускиот воздушен простор, секој осигурител и сите кои и натаму ги користат клучните руски аеродроми – руското небо станува исклучително опасно“, порача тој.
Тој додаде дека руското небо ќе биде де факто затворено, иако руските власти за тоа не известуваат како што би требало, и истакна дека за таквата ситуација е одговорна исклучиво Русија поради војната што ја води против Украина.
Во објавата на Телеграм, Зеленски им се обрати и на амбасадорите во Киев и Москва. Тој ги повика да ги предупредат своите влади и авиокомпаниите кои летаат кон дестинации во Русија. Најави и дека украинските власти ќе им ги достават на меѓународните тела сите релевантни информации за овие опасности.
Руските градови, вклучително и Москва, во повеќе наврати беа цел на напади со беспилотни летала, што често предизвикуваше привремено затворање на аеродромите. Иако рускиот главен град е силно заштитен од воздушни закани, украинските претставници претходно изјавија дека попречувањето на воздушниот сообраќај го гледаат како стратешки начин руското население да ги почувствува последиците од војната што ја води Кремљ.












