Зошто имате чувство дека паѓате токму кога тонете во сон? Ова е објаснувањето

Точка

29/08/2026

17:55

314

Големина на фонт

а а а

Малку нешта се попријатни од моментот кога, по напорниот ден, ќе се сместите удобно во кревет и ќе почнете да тонете во сон. Сепак, токму во моментот кога ќе заспиете, може одеднаш да почувствувате како да паѓате, по што телото ќе ви се затресе и ќе се разбудите.

Иако ова чувство може да биде прилично вознемирувачко и збунувачко, станува збор за појава која се случува кај многу луѓе.

Лекарот Амир Кан, кој често дава здравствени совети во емисиите „Good Morning Britain“ и „Lorraine“ на ITV, го објасни овој феномен.

„Дали некогаш сте почувствувале дека паѓате токму кога заспивате? Тоа ненадејно грчење при будењето всушност се нарекува хипнички тремор“, наведува тој.


Како што објаснува, до грчењето доаѓа во моментот кога телото се подготвува за сон.

„Додека тонете во сон, вашите мускули се опуштаат, а понекогаш вашиот мозок тоа го толкува како паѓање. Тоа е погрешно толкување, па испраќа брз сигнал до вашето тело да ве фати, и затоа се штрекате кога ќе се разбудите“, објаснува тој.

Постои и теорија според која овој рефлекс би можел да има врска со начинот на кој луѓето некогаш спиеле.

„Сега, некои научници сметаат дека тоа е древен рефлекс за преживување, уште од времето кога спиевме на дрвја. Ненадејното грчење можело да нè спречи да паднеме. Целосно е безопасно. Почесто се јавува кога сте под стрес, кога доцна пиете кофеин или кога едноставно сте многу уморни. Затоа, следниот пат кога ќе ви се случи тоа, не паничете. Тоа е само вашиот чуден мозок“, рекол тој.

Како што наведува „The Sleep Foundation“, хипничкиот тремор е ненадејно, неволно грчење на мускулите кое се јавува при преминувањето од будна состојба во сон. Организацијата наведува дека 70 отсто од луѓето го доживуваат во одреден момент.

Оваа појава се опишува како грчење кое може да се почувствува како чувство на паѓање или како ненадеен удар со сопственото тело.


„Овие движења обично зафаќаат една страна од телото, како што се раката или ногата, и може да бидат проследени со краток сон или чувство на исплашеност“, објасниле тие.

Иако постојат различни теории, причината за хипничкиот тремор сè уште не е со сигурност утврдена.

Истражувачите не знаат со сигурност што го предизвикува, но постојат неколку теории. Хипничкиот тремор и другите видови миоклонус (неволно грчење на мускулите) започнуваат во истиот дел од мозокот кој ја контролира вашата реакција на преплашување.

„The Sleep Foundation“ наведува и една од можните теории која објаснува зошто грчењето се јавува токму во моментот на заспивање.

„Се претпоставува дека понекогаш доаѓа до прескокнување на активирањето помеѓу нервите во ретикуларното мозочно стебло, создавајќи реакција која доведува до хипнички тремор. На пример, можно е кога вашите мускули целосно ќе се опуштат, иако тоа е нормален дел од заспивањето, вашиот мозок погрешно да претпостави дека навистина паѓате и да реагира со грчење на мускулите. Исто така, можно е хипничките тремори да се физичка реакција на слики слични на соништа кои ги придружуваат“, истакнуваат тие.


„The Sleep Foundation“ наведува неколку навики кои можат да помогнат во намалувањето на хипничките тремори, а тоа се:

- легнување и будење во исто време секој ден;
- одржување на температурата во спалната соба меѓу 18 и 20 степени;
- одржување на спалната соба што е можно потемна и потивка;
- престанување со користење електронски уреди најмалку еден час пред легнување;
- намалување на стресот преку практики како јога и медитација, како и релаксирачки активности, како што се читање книга или капење;
- секојдневно вежбање, но не доцна навечер или во текот на ноќта, бидејќи тоа може да ја влоши состојбата;
- ограничување на внесувањето кофеин и
- избегнување никотин и алкохол.