Одлуката на Владата предвидува намалување на цената на школскиот прибор за најмалку 15% во продавниците, како директна поддршка на семејствата пред почетокот на учебната година. Трговците се должни да ја нагласат и старата и новата цена на производите.
Од денес до 30 септември школскиот прибор трговците на мало треба да го продаваат по најмалку за 15% пониски цени од оние кои важеле во јуни, годинава. Владата ја донесе одлуката за намалување на цените на училишниот прибор на денешната седница.
Одлука за намалување на цените
„ Трговците на големо се задолжуваат цените на училишниот прибор да ги намалат за најмалку 10%, додека пак трговците на мало се задолжуваат да обезбедат намалување од најмалку 15%. Мерката опфаќа широк спектар на производи кои се неопходни за почетокот на учебната година. Ранци и ташни, тетратки, блокови, колажи, моливи и пенкала, боички, пластелин, теста за моделирање, подлоги, фломастери и текст маркери, темперни, акрилни, водени бои и четки, линијари и дидактички материјали, острилки и гуми за бришење, детски ножици, футроли, лепила, шестари, дигитрони, украсна хартија, папки и картонски ташни, како и материјали за изработка, практично сè што е потребно за стартот на учебната година“ соопшти попладнево портпаролкат на Владата, Марија Митева.
Обврска за прикажување на цените
Трговците се должни покрај новата намалена цена на производот да ја прикажат и старата цена која важела на 1 јуни 2026 година, затоа што врз основа на таа цена се утврдува намалувањето.
Поддршка за семејствата
Од Владата велат дека ова е конкретна мерка насочена кон директна поддршка на семејствата во период кога имаат зголемени трошоци за подготовка на децата за новата учебна година.








