УЕФА доби уште еден сојузник: ФФМ ја повлече поддршката за претседателската кандидатура на Инфантино

Дерби

19/08/2026

13:39

126

Големина на фонт

а а а

Џани Инфантино се наоѓа под сериозен притисок во фудбалската јавност за низа брои дејности кои ги имаше на Светското првенство, а како што стојат работите, целта на голем број Федерации и Конфедерации е да дојде до голема промена во претстедавањето во ФИФА.

УЕФА објави војна на ФИФА и влезе во сојузништво со многу важни фудбалски тела во битката против Инфантино, па така денеска свој став зазема и фудбалската Федерација на Македонија која останува тесно поврзана со идеологијата на Александар Чеферин.

– По состанокот на претседателите на членките на УЕФА со претседателот и Извршниот комитет на УЕФА, Фудбалската федерација на Македонија донесе одлука да ја повлече својата поддршка за кандидатурата на Џани Инфантино за реизбор за претседател на ФИФА за периодот 2027–2031 година.

– За одлуката, ФФМ испрати и официјално писмено известување. Одлуката е донесена по внимателно разгледување на неодамнешните случувања и начинот на кој се води ФИФА, особено во делот на доброто управување, институционалниот интегритет и транспарентноста во односите со националните федерации.

– ФФМ смета дека довербата, отчетноста и отворениот дијалог мора да бидат темел на управувањето со светскиот фудбал. Најдобрите интереси на фудбалот и неговиот развој, секогаш мора да бидат на прво место. Како членка на УЕФА, ФФМ останува цврсто посветена на заедничките принципи и вредности на европскиот фудбал и ќе продолжи да стои заедно со сите национални федерации кои се залагаат за заштита, развој и унапредување на фудбалот. Остануваме посветени на соработката со сите свои меѓународни партнери, со единствена цел, заштита и унапредување на интересите на фудбалот, – порачаа од ФФМ.