Тошковски на централната прослава во Охрид: 34 години македонска Армија – чест, традиција и сигурност за Македонија

Макфакс

18/08/2026

13:40

144

Големина на фонт

а а а

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, присуствуваше на централната свеченост по повод 34 години од формирањето на модерната македонска Армија, нагласувајќи ја важноста на Армијата како столб на безбедноста и соработката меѓу полицијата и Армијата за сигурна и стабилна Македонија.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Охрид, во Центарот за обука на вода, присуствуваше на централната свеченост по повод 18 Август – Денот на Армијата и 34 години од формирањето на современата македонска Армија.

По повод Денот на Армијата, министерот Тошковски упати честитки до сите припадници на Армијата, истакнувајќи го нивниот придонес во заштитата на државата и граѓаните, како и значењето на Армијата како еден од столбовите на безбедносниот систем.

„Од борбата за слобода и создавањето на македонската државност, преку осамостојувањето, па сè до денешната современа македонска Армија, низ генерациите се протега иста вредност – одговорноста да се чуваат татковината, слободата и безбедноста на граѓаните. Денес со гордост можеме да кажеме дека имаме модерна, професионална и почитувана Армија, која претставува еден од најцврстите столбови на македонската држава и нашиот безбедносен систем. Како Армија на земја членка на НАТО, денес рамноправно стоиме со нашите сојузници и придонесуваме кон колективната безбедност“, истакна министерот Тошковски.

Тој ја нагласи и важноста на соработката меѓу Министерството за внатрешни работи и Армијата во рамки на целокупниот безбедносен систем на државата.

„Како министер за внатрешни работи, особено сум горд на соработката меѓу македонската полиција и Армијата. Кога станува збор за безбедноста на Македонија, имаме иста цел и иста обврска – да ги чуваме граѓаните, државата и нејзините интереси. Силна Армија, силна полиција и силни безбедносни институции значат сигурна и стабилна Македонија“, потенцираше Тошковски.

Во рамки на одбележувањето на Денот на Армијата, министерот Тошковски вчера положи свежо цвеќе пред споменикот на паднатите борци од НОБ во Алејата на великаните, како и на вечните почивалишта на претседателите Борис Трајковски и Киро Глигоров и на генералот Михаило Апостолски, оддавајќи почит на оние кои се вградиле во создавањето и развојот на македонската држава.

Министерот Тошковски на сите припадници на Армијата им упати искрена благодарност за нивната служба и посветеност кон татковината, честитајќи им го 18 Август – Денот на Армијата и 34-годишнината од формирањето на современата македонска Армија.