Министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ се сретна со координаторката на Обединетите нации Рита Колумбиа и претставници на УНДП за разговори околу зајакнување на соработката и поддршката на општините преку различни проекти и иницијативи.
Министерот за локална самоуправа, Иван Стоилковиќ, денеска се сретна со постојаната координаторка на Обединетите нации во земјава, Рита Колумбиа, постојаниот претставник на УНДП, Армен Григоријан и Калинка Габер, проектен менаџер – УНОПС.
На средбата, која се одржа во конструктивна атмосфера, беше разговарано за актуелните и идните проекти, како и за можностите за унапредување на соработката во насока на поддршка на општините, поттикнување на меѓуопштинската соработка и создавање услови за порамномерен развој на регионите.
Во фокусот на разговорот беа проектите што се имплементираат преку УНДП, во партнерство со Министерството за локална самоуправа, со посебен осврт на „Зајакнување на општинските совети“ и „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.
Соговорниците разменија мислења и за идните планови и активности, со посебен акцент на иницијативите што можат да придонесат кон зајакнување на локалните капацитети, подобрување на условите за развој и реализација на проекти од непосреден интерес за граѓаните.
На средбата беше оценето дека постои значаен простор за понатамошно продлабочување на соработката и конкретизирање на идните активности, со цел создавање дополнителни можности за развој на општините и унапредување на услугите и условите за живот на локално ниво.
Во таа насока, беше потврдена заедничката определба за продолжување на партнерството и развивање на конкретни иницијативи насочени кон зајакнување на локалната самоуправа и поддршка на локалните заедници.








