[ФОТО] Се преврте полски автобус во Унгарија: 12 мртви, возачот е уапсен

A1ON.MK

16/08/2026

10:32

744

Големина на фонт

а а а

Најмалку 12 лица загинаа, а десетици се повредени откако полски туристички автобус рано утрово се преврте на автопатот М3 во источна Унгарија.

Несреќата се случила околу 1 часот по полноќ во близина на Мезокерештеш. Според унгарската полиција, автобусот со полски регистарски таблички се движел кон градот Ниредхаза.


Во автобусот имало 57 патници и двајца возачи. Од нив, 12 лица загинале, додека најмалку 10 се повредени, а повеќе патници се здобиле со тешки повреди.


Според унгарските власти, спасувачките екипи со часови ги извлекувале патниците од тешко оштетениот автобус. Поради неговата тежина од околу 24 тони, биле ангажирани и цивилни кранови, додека пожарникарите со витла се обидувале да го подигнат возилото за да ги ослободат луѓето кои останале заробени под него.


Спасувачите во автобусот влегувале и преку прозорците за да стигнат до повредените. До 3 часот наутро биле извлечени 35 лица, но дел од патниците сè уште биле приклештени под возилото.


Полицијата го затворила овој дел од автопатот поради увидот и извлекувањето на автобусот. Сообраќајот се пренасочува во близина на Мезокерештеш, а на автопатот повторно се приклучува кај Емод.


Унгарските власти соопштија дека возачот на автобусот е уапсен. Причините и околностите за несреќата засега се истражуваат.

На местото на несреќата биле испратени бројни екипи на итната медицинска помош, согласно протоколот за масовни несреќи. Повредените се транспортираат во болници.


Од Полска веќе е испратен заменски автобус кој треба да ги преземе преживеаните патници.