Црна Гора во пламен: Пожари беснеат во пет општини, најкритично во Херцег Нови и Улцињ

Макфакс

15/08/2026

19:40

298

Големина на фонт

а а а

Во Црна Гора беснеат пожари во пет општини, при што најкритична е состојбата во Херцег Нови и Улцињ каде пожарникарите и армиските сили се активни во борбата против огнената стихија за да го заштитат населението и инфраструктурата.

Пожари се активни во пет општини во Црна Гора, а најкритична е состојбата во Херцег Нови и Улцињ, каде пожарникарите се обидуваат да ги заштитат објектите и инфраструктурата од огнената стихија.

Според црногорското Министерство за внатрешни работи, во Херцег Нови најкритично е над Ѓеновиќи, на потегот од Бијела до Зеленика, додека пожар повторно се активирал и над Драгаљ, во општина Котор.

Во Улцињ активни се пожарите во Владимир, Клезна, Гача, Зогање, Бриска Гора и Дарза. Пожарникарите таму се обидуваат да ја заштитат трафостаницата и црквата. Пожари има и во Бар, каде активни се огнените жаришта на Голото Брдо и Лисин, но според надлежните засега не претставуваат опасност.

Во Никшиќ активни се пожарите во Кусиди и Стрмина. Во гаснењето на пожарите ширум Црна Гора, на пожарникарите им помагаат авиони на Министерството за внатрешни работи и хеликоптер на Армијата на Црна Гора.

Во Херцег Нови моментално се ангажирани 73 пожарникари со 20 возила, додека во Никшиќ се ангажирани 50 пожарникари со 10 противпожарни возила. Во Улцињ, пак, се ангажирани 14 припадници на војската со две теренски возила и три противпожарни камиони.