Имаат мозок со големина на зрно афион, а носат неверојатно добри одлуки: Еве што луѓето можат да научат од пчелите, мравките, мувите …

Точка

15/08/2026

11:29

540

Големина на фонт

а а а

Луѓето сакаат да веруваат дека благодарение на развиениот мозок се најдобри во донесувањето одлуки. Меѓутоа, научните истражувања покажуваат дека и инсектите, и покрај мозокот со големина на зрно афион, користат изненадувачки ефикасни стратегии кои послужиле како инспирација за алгоритми во логистиката, сообраќајот и вештачката интелигенција.

Начинот на кој мравките, пчелите, скакулците, лебарките и винските мушички ги решаваат проблемите покажува дека добрите одлуки не зависат секогаш од сложено размислување, туку и од соработка, приспособување и правилна проценка на ситуацијата.

Мравките и пчелите покажуваат како се доаѓа до најдоброто решение

Кога бараат храна, мравките најпрво по случаен избор ја истражуваат околината, а потоа со феромони го обележуваат патот по кој поминале. Најкратките и најефикасните патеки со текот на времето добиваат најмногу „гласови“, бидејќи ги користат сè поголем број мравки. На тој начин целата колонија го пронаоѓа оптималниот пат, иако ниту една мравка поединечно ја нема целосната слика.

Токму врз овој принцип се развиени алгоритми кои денес помагаат во планирањето на транспортот, телекомуникациите и логистиката.

Сличен принцип користат и медоносните пчели кога бараат ново место за кошница. Пчелите-извиднички се враќаат и со посебен танц пренесуваат информации за квалитетот на пронајдената локација. Колку е местото попогодно, толку танцот е подолг и поенергичен. Останатите пчели го проверуваат предлогот, па заедницата постепено доаѓа до одлуката која има најголема поддршка.


Неодлучноста понекогаш помага, а различните карактери ги забрзуваат одлуките

Истражувањата на скакулците покажале дека кратката фаза на неодлучност може да ѝ помогне на групата полесно да го промени мислењето и да постигне нов договор. Научниците забележале сличен образец и кај луѓето – кога постои можност некој привремено да се воздржи од избор, групата побрзо доаѓа до заедничко решение.

Интересни резултати дале и истражувањата на лебарките. Се покажало дека групите во кои има различни карактери – од смели до претпазливи единки – поефикасно носат одлуки од оние во кои сите се однесуваат на ист начин. Разновидноста во однесувањето го зголемува бројот на меѓусебни интеракции и го олеснува изборот на најдоброто решение.


Мувите покажуваат дека интуицијата не постои без причина

Винските мушички, иако се многу едноставни организми, умеат да ги спојат искуството и информациите од околината пред да донесат одлука. Кога избираат меѓу слични мириси или различни извори на храна, подолго се двоумат доколку изборот е неизвесен, а подготвени се да прифатат и помалку пријатна опција ако таа им носи поголема корист.

Истражувањата покажале и дека стресот го менува нивното однесување – во такви ситуации тие го избегнуваат ризикот и поретко истражуваат нови можности.

Научниците сметаат дека овие особини покажуваат оти добрата одлука не зависи само од логиката. Искуството, моменталните околности и способноста правилно да се процени ризикот често имаат подеднакво важна улога, а токму тоа е лекцијата што луѓето можат да ја научат од навидум безначајните жители на светот на инсектите.