Полска спречила руски план за убиство на американски државјанин во Варшава, рече Туск

Макфакс

14/08/2026

12:50

163

Големина на фонт

а а а

Полските власти открија и спречија руски заговор за убиства на американски државјанин во Варшава, што претставува ретка операција на Русија против член на НАТО. Станува збор за сложена разузнавачка акција со вклучување на полските и американските служби.

Полските власти спречиле руски план за убиство на американски државјанин од украинско потекло во Варшава, изјави полскиот премиер, Доналд Туск. Според него, ова е прв познат случај во кој Русија се обидела да изврши напад врз американски државјанин на територијата на друга членка на НАТО.

Осомничениот, за кого се наведува дека бил регрутиран од руските тајни служби, е уапсен на 7 август и ќе остане во притвор три месеци. Туск рече дека Американецот бил „непријатен за режимот на Путин“, но не откри повеќе детали.

Полскиот министер задолжен за разузнавачките служби, Томаш Семоњак, потврди дека операцијата била спроведена во соработка со американските служби. Од американскиот Стејт департмент соопштија дека се запознаени со извештаите, но немаат дополнителни информации. Русија не одговорила веднаш на барањето за коментар.

Туск предупреди дека руските власти би можеле да продолжат со обидите за елиминирање на луѓе кои ги сметаат за свои противници. Западните разузнавачки служби веќе подолго време ја обвинуваат Москва за зголемена кампања на убиства, саботажи и други напади низ Европа.