Во Националниот парк Кругер во Јужна Африка е снимено едногодишно слонче кое целосно се разликува од останатите. Малото розово слонче, како што објаснуваат биолозите, всушност е албино единка од својот вид и токму поради тоа се издвојува со необичната боја на кожата.
Слоновите вообичаено имаат сива боја, но ова мало слонче, кое припаѓа на родот Локсодонта, има розова кожа и светли влакна, што е последица на наследна состојба наречена албинизам. Станува збор за генетско нарушување кое го спречува создавањето на меланин – пигментот одговорен за бојата на очите, влакната и кожата.
Оваа ретка состојба „се појавува само еднаш на секои 10.000 раѓања“ кај дивите цицачи, изјави Тео Потгитер, сафари-операторот кој го фотографирал младото слонче, пишува „Live Science“.
Watch a rare pink albino elephant baby playing by a waterhole in adorable footage https://t.co/9RYASAlJ3N
— Live Science (@LiveScience) February 23, 2024
Албинизмот е редок бидејќи станува збор за рецесивна состојба и се појавува само кога двајцата родители го носат мутираниот ген и ќе го пренесат на своето потомство. Поради албинизмот, единките можат да имаат послаб вид, бидејќи недостигот од пигмент влијае врз развојот на очите, што може да ја наруши способноста на животното да пронаоѓа храна или успешно да следи и лови плен. Истовремено, отсуството на вообичаената боја на крзното, крлушките или кожата значи дека тие често ја губат способноста да се камуфлираат во околината, што им го отежнува криењето од предаторите или од пленот.
Покрај тоа, претходни истражувања на слонови покажале дека животните со албинизам понекогаш можат да бидат отфрлени од припадниците на сопствениот вид, што може да доведе до тоа поединечни единки да живеат изолирано. Меѓутоа, во Националниот парк Кругер, Потгитер вели дека ова слонче, според сè што може да се забележи, е целосно прифатено од стадото.










