Андреј Жерновски остро реагираше на говорот на Мицкоски за време на илинденските празници, обвинувајќи го за политичко делење на народот, користење омраза и навреди, како и за неспособност во водењето на државата.
Денеска мораме да изреагираме на тоа што го видовме за време на илинденските празници, а тоа е еден говор полн со омраза и навреди од страна на премиерот. Значи, на најголемиот државен празник, на Илинден, Мицкоски ја употреби, односно ја злоупотреби говорницата за повторно да ја продолжи својата политика на поделби, омраза и навреди, изјави Андреј Жерновски – член на Извршниот одбор и секретар за меѓународна соработка во СДСМ.
Жерновски за говорот на Мицкоски
„Мицкоски од говорницата повторно зборуваше за „талог“. Повторно своите сограѓани ги нарече „талог“. Кој е тој „талог“ за кој, всушност, зборува Мицкоски? Тоа се сите оние што не се согласуваат со него. Тоа се сите оние што знаат колку е Мицкоски неспособен. Тоа се сите оние што знаат колку Мицкоски лаже. Тоа се сите оние што се борат за правда, за еднаквост, за одговорност, сите оние што се борат за европска перспектива на својата држава. Истиот човек кој со години нас, граѓаните, нè нарекува, цитирам, „талог на општеството“, „мекотели“, „мочуриште“, „медиокритети“, „лешинари“, повторно, и тоа од говорницата во Пелинце, каде што требаше да се испрати порака за обединување, го користи истиот јазик на омаловажување. Повторно истиот јазик на етикетирање“, рече Жерновски.
Изборот на Мицкоски на Илинден
На денот кога треба да се зборува за слобода, на денот кога треба да се зборува за достоинство, за иднина, додаде тој, Мицкоски повторно избра да ги навредува своите сограѓани.
„Мицкоски повторно избра да го дели народот. Ова веќе не е патриотизам. Ова е патолошка политичка омраза и тоа веќе треба јасно да се каже. И додека самиот Мицкоски за својот народ зборува како за „талог“, Македонија тоне во економска криза. Животниот стандард секојдневно опаѓа. Водата е отруена во сè повеќе населени места во државата. Државата е заглавена без напредок во евроинтеграциите. Реформите стојат во место“, рече Жерновски.
Последици од политичките говори
Според него, граѓаните секојдневно ја плаќаат цената на неговата неспособност и секојдневно се уверуваат во начинот на кој Мицкоски ги навредува.
„Прво, во еден квазипатриотски вознес , ги повикуваше граѓаните летните одмори да ги поминат покрај прекрасните македонски езера, реки и планини, за неколку дена потоа самиот тој да изјави дека нема да оди на одмор во Македонија, туку ќе оди на друго место. Откако му стана јасно дека ги лаже граѓаните, на сите ни кажа дека тој, всушност, нема да оди на одмор, туку ќе оди на екскурзија. Така што, ако го видите Мицкоски на плажа, да знаете дека тој е на екскурзија“, рече Жерновски.












