Македонско музичко востание во Хераклеја: Над 2.500 гласови пееја со Влатко и Златко Миладиноски

Точка

30/07/2026

11:53

200

Големина на фонт

а а а

Античките камења на Хераклеја во Битола беа сведоци на уште една вечер за паметење. Пред повеќе од 2.500 посетители, Влатко и Златко Миладиноски приредија музички спектакл во кој македонската песна, емоцијата и традицијата се споија во едно моќно доживување.

Во публиката имаше посетители од Битола и од многу други градови ширум Македонија. Луѓе од различни генерации пееја во ист глас, покажувајќи дека народната песна не е само дел од нашето минато, туку жива нишка што и денес нè поврзува. Хераклеја одекнуваше со најпознатите песни на Влатко Миладиноски, а секој нов рефрен ја засилуваше енергијата под битолското небо.


Влатко настапи во придружба на оркестарот на Златко Миладиноски и повеќе од 30 музичари, кои со својата маестрална изведба создадоа богат и впечатлив звук. Концертната програма ја надополнија специјалните гости Спасен Сиљаноски, Дамјан Стојаноски и Дарко Стојаноски, како и гостите уметници македонци од Егејска Македонија.

Со внимателно избран репертоар, врвна продукција и силен сценски настап, концертот прерасна во вистински музички спектакл, целосно достоен за историската величественост на Хераклеја. Особено незаборавни беа миговите кога повеќе од 2.500 посетители ги пееја песните како еден хор, претворајќи го античкиот театар во голема сцена на заедништво и национална гордост.


По успешните концерти во Охрид и Скопје, Влатко Миладиноски ја продолжи својата музичка приказна и во Битола, уште еднаш потврдувајќи дека македонската народна песна има моќ да ги исполни големите концертни простори и да допре до публиката без оглед на возраста.

Вчера вечер Хераклеја не беше само историски локалитет-беше дом на македонската песна. Битола стана средиште на едно големо музичко востание, во кое традицијата доби нова сила, а емоциите се претворија во спомени.

Концертот на Влатко и Златко Миладиноски беше многу повеќе од музички настан. Тој беше празник на македонската култура и традиција, но и доказ дека песната може да обедини илјадници луѓе во една незаборавна вечер што уште долго ќе се прераскажува.