Со два милиони евра грант од ЕУ се воведуваат паметни граници – граничните терминали ќе бидат целосно автоматизирани

Макфакс

29/07/2026

12:30

177

Големина на фонт

а а а

Царинската управа почнува проект за модернизација на граничната инфраструктура со воведување на паметни системи за автоматизација на терминалите, финансиран со грант од два милиони евра од Европската унија, што ќе овозможи побрз и поефикасен проток на стоки и борба против корупцијата.

Царинската управа започнува со имплементација на еден од најзначајните проекти за модернизација на граничната инфраструктура со којшто се воведуваат паметни системи за автоматизација на граничните терминали, за што се обезбедени грант средства од Европската унија во висина од два милиони евра.

По претходно објавен јавен оглас потпишан е договор со изведувачот за набавка на опрема, со што се означува значаен прогрес на проектот чија имплементација треба да заврши до средината на наредната година, велат од Царината.

Автоматизацијата на терминалите ќе овозможи значително побрз проток на стоки и намалување на времето на чекање и оперативните трошоци за економските оператори. Со замена на постојните рампи и ваги со нови дигитални системи поддржани со напредни аналитички видео камери – увозот, извозот и транзитот ќе се евидентира автоматски, за само неколку секунди по влезот на товарното моторно возило на царинскиот терминал“, се наведува во соопштението.

Автоматските ваги и рампи ќе бидат директно поврзани со системот за видео надзор и за препознавање на регистарски таблички, за што во тек е постапка за набавка на софтвер – интегратор, со што ќе се овозможи поефикасна контрола и забрзан проток на легалната трговија во согласност со ЕУ стандардите.

Воедно, велат од Царинската управа, примената на ваквите системи ќе овозможи и намалување на влијанието на човечкиот фактор, како една алатките за ефикасна борба против криминал и корупција.