За пет часа, казнети 59 возачи на мотори и тротинети во Кочани и Виница

Макфакс

28/07/2026

09:00

179

Големина на фонт

а а а

Полицијата изврши акциска сообраќајна контрола во Кочани и Виница, казнувајќи 59 возачи на мотоцикли и електрични тротинети кои не ги почитувале правилата, откривајќи и кривични дела за возење без дозвола.

Вчера (27.07.2026) во периодот од 17:00 до 22:00 часот, полицијата спроведе акциска контрола на подрачјето на Кочани и Виница, насочена кон санкционирање на возачи на мотоцикли и електрични тротинети кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.

Во контролата биле изречени вкупно 59 санкции, од кои една за возач на лесно електрично возило (тротинет), 34 за управување мотоцикл без заштитен шлем (кацига), една за истечена полиса за задолжително осигурување, една за истечена важност на регистрацијата на мотоцикл, три за управување без соодветна категорија, една за управување под дејство на алкохол, две за други прекршоци сторени од возачи на мотоцикли и 16 за останати сообраќајни прекршоци.

При контролата биле откриени и три кривични дела, при што од слобода биле лишени три лица поради возење без возачка дозвола. Едно од лицата е малолетник, а притоа биле одземени три мотоцикли.

За сите сторители ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредниот период. Апелираме до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Само со одговорно однесување можеме заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, соопшти МВР.