Романија го прогласи рускиот амбасадор за персона нон грата

Макфакс

27/07/2026

19:22

142

Големина на фонт

а а а

Романија прогласи рускиот амбасадор Владимир Липаев за персона нон грата поради соборувањето на три беспилотни летала утврдени како руски, истакнувајќи ја неприфатливоста на нарушување на нејзиниот воздушен простор и најавувајќи тесна координација со НАТО и ЕУ за заштита на националната безбедност.

Романското Министерство за надворешни работи денес објави дека рускиот амбасадор во таа земја, Владимир Липаев, е прогласен за персона нон грата, откако романската армија собори три беспилотни летала над територијата на Романија, за кои беше утврдено дека се руски.

Во соопштението се наведува дека рускиот амбасадор има пет дена да ја напушти Романија, како и дека романскиот амбасадор во Русија ќе биде поканет во Букурешт на консултации.

Рускиот амбасадор бил поканет на разговор од романската министерка Оана Коџу, а на состанокот му била врачена вербална нота со која романската страна го информирала за спроведувањето на декларацијата за неприфатлив статус на член на мисијата на Руската Федерација во Букурешт.

На рускиот дипломат му биле врачени фрагменти од беспилотно летало кое било уништено на романска територија, за кое истрагата спроведена од обвинителството официјално потврди дека е од руски извор.

Како што беше објавено, за време на состанокот било нагласено дека е неприфатливо Руската Федерација да продолжи да го нарушува романскиот воздушен простор, кој е воздушен простор на НАТО и Европската Унија.

Романската страна истакна дека Руската Федерација сноси единствена одговорност за сериозните инциденти и за влошувањето на регионалната безбедносна средина и најави дека ќе продолжи тесно да го координира својот одговор со сојузниците и партнерите во рамките на НАТО и ЕУ, и останува цврсто посветена на преземање на сите потребни мерки за заштита на националната безбедност и нејзините граѓани.