Премиера на претставата Три сестри со превод на англиски јазик - МНТ се отвора кон меѓународната публика

Макфакс

27/07/2026

17:10

163

Големина на фонт

а а а

Македонскиот народен театар (МНТ) ја отвора сезоната 2026/2027 со премиера на претставата „Три сестри“ со превод на англиски јазик, при што се приближува до меѓународната публика и го зголемува пристапот до македонската театарска уметност.

Македонскиот народен театар новата сезона 2026/2027 ќе ја започне со премиера на претставата „Три сестри“, според драмата на А. П. Чехов, во режија на Нела Витошевиќ, која ќе се одржи на 25 септември.

Новата сезона во МНТ носи важна новина за публиката – воведување превод на англиски јазик за дел од претставите во однапред определени термини. На тој начин, театарот станува уште подостапен за странската публика и сите љубители на уметноста кои не го разбираат македонскиот јазик, овозможувајќи им целосно да ја доживеат сценската изведба.

Токму премиерата на „Три сестри“ ќе биде првата претстава изведена со превод на англиски јазик – чекор што ја потврдува определбата на Македонскиот народен театар кон поголема отвореност и доближување на македонската театарска продукција до пошироката меѓународна публика.

Новата сценска адаптација, по текст на Васил Христов и Нела Витошевиќ, а во драматургија на Викторија Рангелова-Петровска, претставува современо читање на едно од најзначајните дела на светската драмска литература.

Во претставата настапуваат: Дарја Ризова – Ирина, Наталија Теодосиева – Маша, Верица Недеска – Олга, Дамјан Цветановски – Андреј, Благој Веселинов – Александар, Емил Рубен – Иван, Ивица Димитријевиќ – Игор, Нина Деан – Наташа и Антонио Ташковски – Никола.

Креативниот тим го сочинуваат сценографот Игор Васиљев, костимографката Роза Трајческа, композиторот Огнен Анастасовски и извршните продуценти Симона Угриновска и Виктор Рубен.

„Билетите за премиерата и за првите изведби се веќе во продажба. Ја покануваме публиката навреме да го обезбеди своето место и да биде дел од свеченото отворање на новата театарска сезона. Со оваа нова практика, уметноста на МНТ станува сè подостапна за меѓународните посетител”и.