Русија изврши балистички напад врз Киев

Макфакс

26/07/2026

10:21

226

Големина на фонт

а а а

Русија изврши балистички напад врз Киев што предизвика пожари и штети, но засега нема загинати. Нападот доаѓа по предупредувањата за нов масовен ракетен удар врз украинскиот главен град.

Русија во текот на ноќта изврши балистички напад врз Киев, при што беше погодена и станбена зграда, соопштија украинските власти. Нападот следуваше само еден ден откако украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека постои опасност од нов масовен ракетен удар врз главниот град.

Според украинските медиуми, околу 00:23 часот по локално време во Киев одекнале повеќе експлозии, а непосредно пред тоа украинското воено воздухопловство издало предупредување за закана од балистички проектили.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, соопшти дека остатоци од проектил паднале врз 18-катна станбена зграда во Шевченковскиот реон. Пожарот што избувнал ги зафатил седмиот и осмиот кат.

Државната служба за вонредни ситуации информираше дека пожари биле регистрирани и во реоните Десњански, Шевченковски и Соломјански, но сите биле локализирани и изгаснати.

Во нападот изгореле и неколку автомобили, еден нестамбен објект и напуштена четирикатна зграда. Според првичните информации, нема загинати, додека проценката на материјалната штета сè уште е во тек.

Нападот уследи откако Зеленски претходно изјави дека украинските разузнавачки служби и партнерските земји располагаат со информации дека Русија подготвува нов масовен ракетен напад врз Украина во рок од 48 часа.

Само два дена претходно, руски балистички проектил погоди локација во Киев каде што се одржувала изложба на оружје. Според официјалните податоци, во тој напад загинаа 10 лица, а повеќе од 100 беа повредени.