Минчев на работна средба со Баграт Тунјан од СИГМА: Продолжува партнерската соработка за унапредување на реформата на јавната администрација

Макфакс

23/07/2026

15:11

188

Големина на фонт

а а а

Министерот за јавна администрација Горан Минчев одржа работна средба со координаторот од СИГМА, на која дискутираа за реформата на јавната администрација, подготовките за оценската мисија и идните приоритети во рамки на новиот Акциски план за Стратегијата за реформа на јавната администрација за периодот 2023-2030.

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Баграт Тунјан, координатор за Република Македонија од СИГМА – заедничката иницијатива на ОЕЦД и Европската Унија.

На средбата беше разговарано за тековните активности поврзани со реформата на јавната администрација, како и за подготовките за претстојната оценска мисија на СИГМА, која ќе се фокусира на следењето и оценувањето на напредокот во спроведувањето на реформските активности и дефинирањето на идните приоритети во рамки на новиот Акциски план за Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023-2030.

Министерот Минчев истакна дека континуираната координација и соработка со СИГМА претставува значајна поддршка во процесот на градење професионална, ефикасна и модерна јавна администрација, согласно европските стандарди и принципи на добро управување.
„Нашата цел е реформите во јавната администрација да бидат одржливи, засновани на јасни критериуми и мерливи резултати. Во тој процес, експертската поддршка и препораките на СИГМА се од особено значење за понатамошно унапредување на системот“ истакна министерот Минчев.

Дополнително, соговорниците дискутираа за клучните приоритети во наредниот период, насочени кон обезбедување континуитет во реформскиот процес, подобро планирање на активностите и ефективно следење на постигнатиот напредок во согласност со европските принципи на добро управување.

„Министерството за јавна администрација продолжува со редовна комуникација и партнерска соработка со СИГМА и останатите меѓународни партнери, со цел обезбедување квалитетни реформи кои ќе придонесат за поефикасни институции и подобри услуги за граѓаните“, велат од Министерството.