ВМРО-ДПМНЕ ја истакнува својата посветеност кон инвестиции во младите, подобрување на социјалната заштита преку зголемување на платите на социјалните работници и креирање политики за силни и отпорни семејства кои ќе овозможат долгорочен развој на државата.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ продолжува со реализација на конкретни политики кои носат подобар животен стандард, посилна социјална заштита и долгорочен развој на државата, истакнуваат од партијата на власт.
Како дел од реформите во социјалниот сектор, како што посочуваат, потпишан е нов Колективен договор со кој платите на вработените во центрите за социјална работа се зголемуваат за 20 проценти. Со ова, додаваат од таму, се исправа долгогодишната неправда кон социјалните работници и се вреднува нивниот професионален ангажман во обезбедувањето поддршка за најранливите категории граѓани.
„Воедно, Владата го донесе Националниот план за управување со Европската младинска картичка за периодот 2026 – 2028 година и во тек се активности за објавување јавен повик за избор на оператор кој ќе биде задолжен за имплементација, развој и одржливо управување со нејзиниот систем.
Оваа мерка на младите ќе им овозможи полесен пристап до бројни поволности, услуги, образовни и културни содржини, како и можности во државата и низ Европа.
Паралелно, во соработка со УНФПА започна подготовката на Национална стратегија за демографски развој и отпорност, која, преку инвестиции во човечкиот капитал и рамномерниот регионален развој, ќе овозможи креирање сеопфатни политики за поттикнување на повратните миграции, поголема поддршка за семејствата и справување со негативните демографски предизвици“.
Владата, нагласуваат од ВМРО-ДПМНЕ, останува доследна на својата определба да спроведува политики што даваат конкретни резултати и ќе продолжи да применува мерки кои ги јакнат институциите, ги подобруваат условите за работа, отвораат нови можности за младите и создаваат сигурна иднина за македонските семејства.
„Граѓаните заслужуваат ефикасни институции и политики што носат долгорочни придобивки, а токму тоа е правецот по кој се движи Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ“.











