Димитриевски од Тетово: Големите се плашат од голем ЗНАМ, затоа што политиката на нови луѓе станува реалност

Макфакс

19/07/2026

14:20

349

Големина на фонт

а а а

Максим Димитриевски, претседателот на Движењето ЗНАМ, на панел-дискусија во Тетово истакна дека движењето се стреми да донесе реформи и да гради држава со ред и систем, каде што знаењето и интегритетот се поважни од партиската припадност. Тој порача дека ЗНАМ ќе продолжи да биде глас за националните интереси и дека политиката на нови луѓе станува реалност.

Димитриевски од Тетово: Големите се плашат од голем ЗНАМ, затоа што политиката на нови луѓе станува реалност

ЗНАМ влезе во власта со јасна цел, да биде реформатор, но и коректор кога е потребно. Нашата одговорност е да работиме за државните и националните интереси, а секогаш кога ќе сметаме дека некои процеси не се движат во вистинска насока, гласно ќе ги браниме принципите на кои стоиме“ порача претседателот на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, Максим Димитриевски, на панел-дискусијата во рамки на караванот под мотото „Европска ЗНАМ, Европска иднина, Европска Македонија“, која се одржа во Тетово.

Во своето обраќање Димитриевски нагласи дека ЗНАМ на политичката сцена влезе со јасна определба да биде носител на промени и да придонесе кон создавање држава со ред, систем и еднакви можности за сите граѓани.

„Не влеговме во политиката за да бидеме продолжена рака на некого, туку за да изградиме политички субјект кој ќе се бори за држава со ред, систем и одговорност. Европска Македонија е Македонија во која граѓаните имаат доверба во институциите, младите гледаат иднина дома, а одлуките се носат според принципи, а не според интереси. ЗНАМ не е проект на еден човек, туку движење на луѓе кои веруваат дека Македонија може и мора да биде подобра држава“ истакна Димитриевски.

Тој порача дека учеството на ЗНАМ во власта е водено од одговорноста да се спроведуваат реформи, но и да се укажува секогаш кога е потребно, со цел заштита на државните интереси и принципите на кои почива движењето.

Во рамките на панел-дискусијата, генералниот секретар на Движењето ЗНАМ и министер за јавна администрација, Горан Минчев, ги претстави реформските процеси во јавната администрација и досегашните активности за изградба на професионални и функционални институции, додека потпретседателот на Движењето ЗНАМ и министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, се осврна на мерките за поддршка на земјоделците, развојот на домашното производство и рамномерниот регионален развој како основа за посилна и поконкурентна македонска економија.

Димитриевски нагласи дека иднината на Македонија зависи од создавање систем во кој квалитетот, интегритетот и посветеноста ќе бидат поважни од партиската припадност.

„На големите не им одговара еден ден да видат голем ЗНАМ, но јас сум убеден дека тој процес ќе се случи. Нашата сила е во луѓето кои веруваат во идејата, во луѓето со интегритет и карактер и во политиката која дава еднаква можност за секој човек. Македонија може да оди напред само ако создадеме систем во кој знаењето, трудот и чесноста ќе бидат поважни од партиската припадност“ порача Димитриевски.

Од Тетово беше испратена порака дека Движењето ЗНАМ останува посветено на својата визија, европска Македонија со силни институции, развиена економија и достоинствени граѓани, држава која напредува преку работа, одговорност и резултати, без откажување од националните интереси и достоинството.