Во Гостивар за едно деноноќие над 350 прегледи поради гастроентероколит, тројца хоспитализирани

Макфакс

19/07/2026

13:50

268

Големина на фонт

а а а

Министерството за здравство информира за забележливо зголемување на бројот на лица со симптоми на гастроентероколит во Гостивар, со повеќе од 350 прегледи за едно деноноќие и тројца хоспитализирани. Се преземаат епидемиолошки мерки и се чека одлука за евентуално прогласување епидемија.

Министерството за здравство соопшти дека надлежните здравствени институции продолжуваат со интензивно следење и истражување на зголемениот број лица со симптоми на гастроентероколит на подрачјето на Гостивар.

Според податоците, во периодот од 18 јули во 08:00 часот до 19 јули во 08:00 часот, во Општата болница во Гостивар биле извршени 204 прегледи на Инфективното одделение, при што три лица се хоспитализирани. На Педијатриското одделение биле реализирани 140 прегледи, од кои 105 нови и 35 контролни, а во Ургентниот центар се евидентирани уште девет прегледи.

Од Министерството наведуваат дека клиничката слика кај најголемиот број пациенти е лесна, а бројот на хоспитализирани останува низок. Сепак, поради наглото зголемување на бројот на заболени, состојбата се третира како активен епидемиски настан и се спроведуваат епидемиолошки, лабораториски и превентивни мерки.

Подрачната единица на Центарот за јавно здравје во Гостивар врши теренски увиди и епидемиолошки анкети, а досега се доставени околу 140 пријави за заразна болест, кои ги обработуваат тимови од Центарот за јавно здравје Тетово и Институтот за јавно здравје.

Во тек се микробиолошки анализи на примероци од пациенти и од водата, како и испитување на можните извори на зараза, надзор над водоснабдувањето и координација со Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и локалните институции.

Министерството потсетува дека, согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, Центарот за јавно здравје Тетово е надлежен да донесе одлука за евентуално прогласување епидемија на подрачјето на Гостивар, а таквата одлука се очекува во текот на денот.

Од Министерството апелираат граѓаните да ги следат препораките на здравствените власти, да одржуваат редовна хигиена и при појава на симптоми како повраќање, дијареја, покачена температура или знаци на дехидратација навреме да побараат медицинска помош.