Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) изврши микробиолошки и физичко-хемиски анализи на водата во Гостивар по барање на Јавното обвинителство, поради зголемен број пациенти со гастроинтестинални симптоми. Резултатите од анализите ќе бидат доставени за натамошно постапување.
Институтот за јавно здравје соопшти дека зел примероци од водата на посочени локации во Гостивар, откако Јавното обвинителство побарало да бидат извршени микробиолошки и физичко-хемиски анализи.
Екипата на ИЈЗ веднаш излегла на терен, а анализата на земените примероци започнала во раните утрински часови во четврток, веднаш по нејзиното враќање.
Постапувањето следува по известувањето од Општата болница „Д-р Ферид Мурад“ во Гостивар за нагло зголемен број пациенти со гастроинтестинални симптоми.
Од Институтот информираат дека стручните лица работат и во текот на викендот, со цел анализите да бидат изработени стручно и навремено.
Резултатите ќе бидат доставени до Јавното обвинителство за натамошно постапување.
ИЈЗ е во постојана комуникација и координација со надлежните државни институции.







