Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) издаде забрана за употреба на водата за пиење од гостиварскиот водоводен систем поради основано сомнение дека таа е загадена и небезбедна за употреба.
Одлуката следува откако повеќе од 1.200 граѓани во изминатите неколку дена побарале медицинска помош во ЈЗУ Општа болница „Д-р Ферид Мурад“ во Гостивар, со симптоми како дијареа, повраќање и стомачни тегоби.
Причинителот на здравствените проблеми сè уште не е официјално утврден, но надлежните институции веќе спроведуваат истрага за можноста дека загадувањето на водата е поврзано со незаконски поставен систем за дополнително снабдување на градската водоводна мрежа.
Според информациите од надлежните, постојат сомневања дека Јавното претпријатие „Водовод“, заедно со Општина Гостивар, на диво поставило три пумпи во коритото на реката Вардар, преку кои вода директно се вбризгувала во главниот цевковод што го снабдува градот.

„По добиено известување од јавен обвинител од ОЈО Гостивар за спроведување вонреден инспекциски надзор на пречистителна станица за вода во село Вруток, општина Гостивар, за испитување на безбедноста и квалитетот на водата за пиење во овој водоснабдителен систем, добиени се поплаки од граѓани до ОЈО Гостивар и пријава од МВР Гостивар во однос на безбедноста и квалитетот на водата за пиење, инспекциски служби на АХВ, со претставници на Министерството за животна средина, ОЈО Гостивар и крим-техника – МВР Гостивар, вчеравечер спроведоа вонреден инспекциски надзор. Со надзорот утврдено е дека во главниот цевковод на водоводната мрежа, на диво, без одобрение, поставена е пумпа, која директно вшприцува вода од реката Вардар во овој водоснабдителен систем. Од страна на стручни лица на Институтот за јавно здравје, кои биле присутни на надзорот, земени се мостри од водата за лабораториско тестирање со цел утврдување на нејзината безбедност“, информира АХВ.
Од МВР велат дека вчера по насока на јавен обвинител во селото Вруток постапиле, поради сомневање за загадување на водата со која се снабдува градот Гостивар.
„Постојат основи на сомневање дека Јавното претпријатие „Водовод“, во соработка со Општина Гостивар, поставило три пумпи во корито на истечни отпадни води, преку кои се вбризгувала вода директно во главниот цевковод што го напојува градот. Оваа активност најверојатно била преземена со цел да се зголеми притисокот во мрежата поради недостиг на питка вода, со што директно се загрозува здравјето на граѓаните на Гостивар. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, поради сомнение за сторено кривично дело „загадување на вода за пиење“, предвидено и казниво по член 219 од Кривичниот законик“, информираа од МВР.
Од болницата „Д-р Ферид Мурад“ состојбата ја опишаа како епидемија, бидејќи бројот на пациенти значително ги надминал вообичаените дневни бројки.
„Ве известуваме дека поголемиот број на пациентите се со исти симптоми како повраќање, дијареа, болки во желудникот, температура, омалаксаност итн. Најголем број на пациентите со овие симптоми се на инфективното одделение, детското одделение и во ургентната единица. За овие денови во ЈЗУ Општа Болница ‘„Д-р Ферид Мурад” Гостивар, со овие симптоми се пријавени околу 1000-1200 пациенти. На сите пациенти им е дадена медицинска помош однсоно соодветна терапија. Ова известување го праќаме заради тоа што овој број на пациенти е надвор од редовните бројки на пациентите во нашата установа“, изјави директорот на болницата д-р Емри Бајрами, пренесува „Слободен печат“.

Експертите со кои разговараше „Слободен печат“ велат дека доколку три пумпи се поврзани на диво со главниот цевковод, тогаш контаминирани се целата примарна водоводна мрежа, заедно со секундарната – чешми, славини, бојлери на луѓето што живеат во Гостивар. На социјалните мрежи фотографиите и видео-материјалите од моменталната состојба на водата прикажуваат нејзина заматеност и промена на бојата во кафеава.
Од Институтот за јавно здравје се земени мостри од водата кои се испратени на лабораториски анализи. Микробиолошките резултати се очекуваат по завршувањето на испитувањата, а физичко-хемиските анализи треба да дадат дополнителни информации за квалитетот на водата.
Надлежните институции продолжуваат со испитувањата, а забраната за користење на водата ќе остане во сила сè до добивањето на резултатите од лабораториските анализи и потврда дека водата е безбедна за употреба.















