Левица: ВМРО-ДПМНЕ ги одби амандманите за поголема поддршка на спортот, културата и јавниот сервис

Макфакс

17/07/2026

13:30

195

Големина на фонт

а а а

Левица ги образложи своите амандмани за зголемување на <b>инвестициите</b> во спортот, културата, јавниот сервис и заштитата на културното наследство, но тие беа одбиени од парламентарното мнозинство на Комисијата за финансирање и буџет.

Во рамки на комисиската расправа по Предлог-ребалансот на Буџетот за 2026 година, пратениците од Левица образложија повеќе амандмани насочени кон зголемување на инвестициите во спортот, културата, јавниот сервис и заштитата на културното наследство.

Левица предложи зголемување на средствата за Планинарската федерација и Федерацијата на алпинисти на Македонија, посочувајќи дека земјата располага со долгогодишна традиција, клубови со повеќе од еден век постоење и спортисти со светски признати резултати, но дека овие области не добиваат соодветна институционална поддршка. Во образложението беше истакнато дека вложувањето во планинарството и алпинизмот би придонело не само за развојот на спортот, туку и за планинскиот туризам, безбедноста на планинските патеки и поддршката на Планинарската служба за спасување.

Со посебен амандман беше предложено обезбедување дополнителни средства за Македонската радио-телевизија, наменети за производство на домашна документарна, образовна, научна, детска и културно-уметничка програма. Според Левица, јавниот сервис треба да има поактивна улога во создавањето нови домашни содржини од јавен интерес.

Левица предложи и дополнителни средства за реконструкција и модернизација на спортските објекти во државата, со цел подобрување на условите за тренинг, поголема достапност на спортската инфраструктура и намалување на трошоците со кои се соочуваат спортските клубови и федерации.

Дополнително, беше предложена финансиска поддршка за најдобрите македонски спортисти, особено за младинските репрезентативни категории, преку покривање на трошоците за патување, сместување и учество на европски и светски натпреварувања, со цел да се спречат откажувања поради финансиски причини и да се овозможи континуиран развој на спортските таленти.

Во делот на културата, Левица предложи враќање на дел од средствата што со ребалансот се намалуваат кај Управата за заштита на културното наследство. Според образложението, намалувањето на буџетот на институцијата задолжена за заштита на културното наследство е во спротивност со заложбите за негово зачувување и го ограничува нејзиниот институционален и финансиски капацитет за систематска грижа за културното наследство.

Овие амандмани не добија поддршка на Комисијата за финансирање и буџет, каде што беа одбиени од парламентарното мнозинство.