Владата донесе одлука – кризната состојба за нафта продолжена до 20 октомври

Макфакс

17/07/2026

11:41

179

Големина на фонт

а а а

Владата ја продолжи кризната состојба за нафта до 20 октомври за да обезбеди стабилно снабдување и навремени мерки на пазарот на нафта во случај на нарушувања или ценовни шокови.

Владата на денешната седница донесе одлука за продолжување на рокот за постоење на кризната состојба поради можност од нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати.

„Со донесената одлука, рокот на важење на кризната состојба се продолжува од 21 јули до 20 октомври, со што се обезбедува континуитет во институционалното постапување и навремено преземање на мерки доколку дојде до нарушувања во снабдувањето или до значителни ценовни шокови на меѓународните пазари на нафта и нафтени деривати“, соопштија од Владата.

Од таму додаваат дека целта на оваа одлука е Владата да располага со соодветен правен механизам за брза и ефикасна реакција, со цел да се зачува стабилноста во снабдувањето, да се ублажат последиците од евентуални пазарни нарушувања и да се заштитат интересите и животниот стандард на граѓаните и стопанството.

„Владата и понатаму внимателно ќе ги следи состојбите на домашниот и меѓународниот енергетски пазар и, доколку тоа го наложат околностите, ќе продолжи да носи навремени и соодветни мерки во интерес на сигурно, стабилно и непречено снабдување со нафта и нафтени деривати“, се наведува во соопштението.

По усогласување на одлуката во рамки на владините процедури истата ќе биде доставена до Собранието на разгледување и донесување, согласно законските надлежности.