Кривична против вработена во Министерството за здравство: не извршила контрола во фирма за производство на медицински канабис

Макфакс

17/07/2026

09:50

242

Големина на фонт

а а а

НККР Свети Николе поднесе кривична пријава против вработена во Министерството за здравство поради несовесно работење и непроизведена контрола во фирма за медицински канабис, што довело до вишок производство на оваа дрога.

НККР Свети Николе поднесе кривична пријава до ОЈО Свети Николе против 39-годишната Д.П. од Скопје за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ по чл. 383-б ст.1 од Кривичниот законик.

Пријавената Д.П. во периодот од 18.11.2022 до 21.08.2024, во својство на одговорно лице-претседател на Комисијата за оценување на исполнетост на условите по однос на простор, опрема и кадар за одгледување на канабис за медицински цели при Министерството за здравство, несовесно постапувала при вршењето на своите службени овластувања и должности, на начин што иако согласно член 29-б став 5 точка 3 и член 29-в став 5 од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции била должна да организира вршење контрола над одгледувањето на канабисот најмалку два пати во периодот од сеење/садење до берба, не организирала и не извршила контрола кај правно лице во Свети Николе за производство на медицински канабис.

И покрај доставените известувања од правното лице во текот на 2022 година и 2023 година, пријавената не презела дејствија за вршење на законски пропишаните контроли, постапувајќи спротивно на член 29-б став 5 точка 3 и член 29-в став 5 од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, со што му овозможила на правното лице да оствари вишок на производство од 56 килограми канабис, констатиран со записник за извршена контрола од 19.02.2025 година.