[ВИДЕО] Јанков: Со интензивна работа, за половина година успеавме да го намалиме долгот на општина Струмица

Макфакс

10/07/2026

15:10

178

Големина на фонт

а а а

Градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков, на прес-конференција истакна дека со интензивна работа и контрола во текот на последните месеци успеале да го намалат долгот на општината значително, повторно ставајќи ја финансиската состојба под контрола и работат на транспарентност и одговорност.

Предолго молчевме, работејќи во тишина за да ги решаваме проблемите што ги наследивме, но кога некој се обидува да ја искриви реалноста и да ја доведе јавноста во заблуда, наша должност е да ги изнесеме фактите пред граѓаните, истакна на прес-конференција Петар Јанков, градоначалник на Општина Струмица.

„Кога ја презедов функцијата градоначалник не наследив стабилна и финансиски здрава општина, наследив сериозни обврски, долгови и финансиски хаос, кој со години бил создаван и прикриван.

Во текот на изминативе месеци откривме сериозни состојби кои бараат целосно расчистување. Во моментот кога станав градоначалник, заедно со службите и со институциите извршив контрола, увид и целосно контрола на работењето. Секој денар да биде проверен, а секоја евентуална неправилност да биде утврдена согласно законите. Денес ќе ја презентирам анализата на сите реализирани плаќања во периодот од 28 октомври 2025 година, до почетокот на овој месец“.

Јанков објасни дека во изминатиот период биле извршени плаќања по повеќе основи.

„Капитални вложувања во јавните претпријатија, намирување заостанати долгови кон изведувачи и добавувачи, обврски кон вработените, како и различни и договорени законски обврски.

На 27.10.2025 година, салдото со обврските изнесувало фантастични 119 милиони 309 илјади 822 денари. На ист датум, ЈП за комунални дејности „Комуналец“, должи над 510 милиони денари. Истовремено, ЈСП „Струмица – Транспорт“ има долг од над 340 милиони денари кој струмичани ќе го исплаќаат на рати до 2031 година.

За половина година успеавме да го намалиме долгот на општината“.

Како што обзнани, долгот на општината на 30.06.2025 година изнесувал 109 милиони 462 илјади 844 денари, додека за 2026 година, истиот датум, изнесува 83 милиони 769 илјади 643 денари.

Потенцира дека не се создаваат нови долгови туку се сервисираат сите тековни обврски и систематски се намалуваат старите долгови кои се наследени.

„Нашата цел не е политички спектакл, ниту собирање политички поени. Нашата цел е финансиски стабилна, одговорна и транспарентна општина, во која интересот на граѓаните ќе биде над се.

Затоа сакам да им порачам на сите граѓани да бидат спокојни.

Со домаќинско работење, со транспарентност и со одговорност, чекор по чекор ја стабилизираме финансиската состојба и создаваме темели за сигурна и подобра иднина за сите“.