Проф. Голомеов: Современото рударство не е исто како пред 50 години – технологијата во Иловица е безбедна

Макфакс

10/07/2026

10:30

131

Големина на фонт

а а а

Професорот Благој Голомеов објаснува дека современото рударство користи безбедни технологии и дека проектот за рудникот Иловица може да донесе значајни економски придобивки за Македонија, истакнувајќи ја важноста на научниот пристап и критичната улога на бакарот во Европската Унија.

Современите технологии целосно го променија начинот на кој функционира рударската индустрија, а проектите денес се реализираат според далеку построги еколошки и безбедносни стандарди отколку во минатото. И покрај тоа, инвестицијата во рудникот за бакар „Иловица“ со години е предмет на јавни полемики и административни застои.

Според универзитетскиот професор Благој Голомеов од Факултетот за природни и технички науки во Штип, негативната перцепција за рударството во Македонија не секогаш се темели на научни факти.

„Современите технологии овозможуваат целосно безбедна работа на рудниците“, вели проф. Голомеов.

Професорот посочува дека бакарот денес е еден од најважните критични минерали за Европската Унија и дека секој проект треба да се оценува врз основа на науката, техничките решенија и законските критериуми.

„Овој процес на флотирање на бакарните минерали, бидејќи е мономинерален… само халкопиритот и бакарните минерали… е прилично бенигнен. Односно, се употребуваат само ксантати, пенливци и регулатори, вар за регулирање на средината… Така што, 90% од нив и повеќе се извлекуваат само со концентратите, кои дури потоа одат на топење и се добива чист бакар. Зборот ми е дека постои технологија која може да биде сосема безбедна за примена“, истакна Голомеов.

Професорот се осврна и на економските придобивки на овој проект. Според него, со блокадата на инвестицијата државата губи големи приливи, бидејќи европскиот пазар задоволува едвај 20% од сопствените потреби за бакар и бара нови извори за да ја оствари енергетската и зелена транзиција.

„Преку издвојувањата за сите оние плаќања, особено платите на вработените, преку ангажирањето на надворешни фирми, економскиот ефект е прилично голем и прилично големо влијание има врз бруто-домашниот производ. Значително влијание има врз бруто-домашниот производ. Се проценува дека десетина проценти ќе има влијание врз бруто-домашниот производ, што воопшто не е за занемарување“, додаде Голомеов во изјава за ТВ Сител.

Претходно и инвеститорот во рудникот го ревидираше проектот, поради најновите технологии и забелешките кои беа упатени од страна на дел од активистите. Компанијата „Еуромакс ресоурцес“ упати и писмо до институциите во кое наведе дека нема да се користи цијанид, ниту било каква цијанидна супстанца во постапката за експлоатација. Понатаму, отпадна и дел од проектот кој предвидуваше хидројаловиште, туку се планира „суво јаловиште за одложување на јаловината со најсовремени технологии кое нема да ги загрозува подземните води“..

Покрај Голомеов, неодамна и металургот Горан Начевски во однос на критиките кон новите инвестиции истакна дека дебатата мора да се одвива врз основа на научни факти, а дискусијата во јавноста најчесто ја водат лица кои не се од фелата, што создава простор за недоразбирања и поларизација. Начевски во интервју за А1он, прашан конкретно за инвестицијата во Иловица, одговори дека таа претставува една од најголемите потенцијални рударски инвестиции во Македонија во последните децении.

„Доколку инвеститорот вложи во најсовремени технологии за заштита, проектот може да биде во функција на економијата без да ја загрози животната средина“, потенцира Начевски.

Професорот заклучува дека со статус-кво состојбата во рударството Македонија губи повеќе отколку што добива, односно се губат потенцијални инвестиции, нови работни места и можност за позиционирање како регионален снабдувач на критични минерали. Во исто време, како што додава, државата останува надвор од глобалните синџири на снабдување, што ја намалува економската и стратешката тежина на Македонија.

ПР