Герасимовски: 73 граѓани користат бесплатна нега во домот, има уште слободни места за услугата Сервис за стари лица

Макфакс

07/07/2026

09:30

182

Големина на фонт

а а а

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, информира дека 73 граѓани користат бесплатна нега преку проектот „Сервис за стари лица“, кој овозможува директна поддршка, нега и социјализација за повозрасните лица во општината.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска го посети домот на сограѓанката Снежана Чупевска, корисничка на бесплатниот „Сервис за стари лица“, за да се информира како се реализира проектот и какви придобивки носи услугата за повозрасните жители на општината.

„Во моментот услугата ја користат 73 наши сограѓани, а вкупниот капацитет на проектот е за 90 лица, што значи дека има уште слободни места и ги повикувам сите заинтересирани да се пријават. Со овој проект обезбедуваме директна поддршка, социјализација и помош за нашите пензионери. Им го олеснуваме секојдневието на повозрасните и им овозможуваме достоинствена и соодветна нега во нивните домови“, рече Герасимовски.

За време на посетата, градоначалникот разговараше со 76-годишната корисничка на сервисот и со негувателката Бранка Милковска, кои посочија дека услугата, покрај грижата и поддршката, создава и блиски односи и искрени пријателства.

Проектот обезбедува домашна посета на негуватели трипати неделно, во траење од по два часа, помош во секојдневните активности, одржување на личната хигиена, давање терапија, подготовка на оброци, набавка на прехранбени производи и лекови, како и разговор и дружење.

За корисниците на кои им е потребна физикална терапија, обезбедени се посети од физиотерапевт двапати неделно, во траење од по еден час.

Проектот „Сервис за стари лица“ се реализира во соработка со здружението „Хуманост“.