Пожари се шират низ регионот, екстремните горештини ја влошуваат состојбата

Макфакс

05/07/2026

10:20

182

Големина на фонт

а а а

Екстремните горештини и пожари предизвикуваат сериозни проблеми во јужна Европа, особено во Грција, Хрватска и Словенија. Пожарникарите со напор се борат со огнените жаришта, додека надлежните апелираат за внимателност и почитување на забраните поради високиот ризик од нови пожари.

Екстремно високите температури што ја зафатија јужна Европа предизвикаа сериозни проблеми во повеќе земји, каде што пожарникарите со денови се борат со големи шумски пожари. Сушата и силниот ветер дополнително ја усложнуваат состојбата во Грција, Хрватска и Словенија, каде што опасноста од нови огнени жаришта останува многу висока.

Најкритична е состојбата во Грција. Нов голем пожар вечерва се прошири во близина на Солун, поради што беа евакуирани неколку населени места северно од градот. Огнот брзо напредуваше под влијание на силниот ветер, а густ чад се надвисна над западните делови на градот. Во интервенцијата се ангажирани повеќе од сто пожарникари со десетици возила.

Пожари се активни и на Халкидики, омилена летна дестинација за голем број македонски туристи, како и во централните делови на земјата.

Во неколку региони властите наредија евакуација на жители, а огнената стихија веќе однесе и човечки животи.

Тешка е состојбата и во Хрватска, каде што по пожарите на островот Вис, ново големо жариште се појави и на Хвар. Пожарникарите се обидуваат да го стават пожарот под контрола, додека високите температури и силниот ветер го зголемуваат ризикот од негово ширење.

Со пожари се соочува и Словенија, особено во крашкиот регион, каде што сувата вегетација и неповолните временски услови овозможуваат огнот лесно да се шири. Надлежните служби предупредуваат дека опасноста останува на високо ниво.

Според Европскиот информативен систем за шумски пожари (EFFIS), од почетокот на годината во Европската Унија изгореле повеќе од 118.000 хектари површина, а бројот на пожари е значително повисок од повеќегодишниот просек. Прогнозите до 8 јули укажуваат на екстремна опасност од пожари во делови од Медитеранот и западниот Балкан.

Надлежните апелираат до граѓаните, особено до туристите, внимателно да ги следат предупредувањата на локалните власти, да избегнуваат движење во шумски подрачја за време на најтоплиот дел од денот и строго да ги почитуваат забраните за палење оган на отворено. Метеоролозите предупредуваат дека топлотниот бран ќе продолжи и во наредните денови, што значи дека ризикот од нови пожари останува исклучително висок.