Малолетник кршел дома, друг ја тепал бабата, син ја тепал мајката, маж ја нападнал сопругата…

Макфакс

04/07/2026

16:10

316

Големина на фонт

а а а

Министерството за внатрешни работи објави осум случаи на семејно насилство во кои неколку лица биле приведени или сослушани поради физички напади и закани во семејствата на повеќе градови низ Македонија.

Министерството за внатрешни работи информира дека во текот на последното деноноќие биле евидентирани осум случаи на семејно насилство, при што седум лица биле лишени од слобода, а со еден малолетник бил извршен службен разговор.

Во Струга бил приведен 46-годишен маж, осомничен дека физички ја нападнал својата мајка, додека во Скопје бил лишен од слобода 47-годишник, кој, според пријавата, физички ја нападнал својата партнерка.

Во Велес, полицијата извршила службен разговор со 17-годишник, во присуство на родител и претставник од Центарот за социјални работи, поради сомнение дека физички ја нападнал и ѝ се заканувал на својата 82-годишна баба. Во истиот град биле приведени и двајца мажи на возраст од 49 и 70 години, поради закани кон членови на нивните семејства.

Во Струмица бил уапсен 29-годишен маж, кој, според пријавата, во повеќе наврати агресивно се однесувал кон сопругата, а потоа упатувал закани пред домот на нејзините родители, каде што таа престојувала со нивните малолетни деца.

Во Тетово, по пријава од родителите, од слобода бил лишен 16-годишен малолетник кој, според наводите, агресивно се однесувал во семејниот дом, кршел предмети и со нож им се заканувал на родителите и сестрата.

Во Штип, пак, бил приведен 52-годишен маж поради сомнение дека физички ја нападнал својата сопруга.

Од МВР информираат дека за сите случаи се известени надлежните јавни обвинители, а по нивното целосно документирање ќе бидат поднесени соодветни пријави.