Борче Серафимовски во земјоделство, Минчев останува министер за јавна администрација, соопшти Димитриевски

Макфакс

30/06/2026

19:55

244

Големина на фонт

а а а

Движењето ЗНАМ најави промени во Владата каде Борче Серафимовски ќе го раководи Министерството за земјоделство, додека Горан Минчев останува министер за јавна администрација, со цел продолжување на реформите и подобрување на државната администрација.

Претседателот на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, Максим Димитриевски, на денешната прес – конференција соопшти дека ЗНАМ во Владата ќе раководи со Министерството за јавна администрација и со Министерството за земјоделие, а ќе добие и уште еден заменик министер во едно влијателно министерство.

Министерството за јавна администрација ќе продолжи да го води досегашниот министер Горан Минчев, а со Министерството за земјоделие ќе раководи Борче Серафимовски, актуелен државен секретар во Министерството и потпретседател на ЗНАМ.

„Пред две години го формиравме Движењето ЗНАМ пред се со државотворна идеја, идеја која својата политичка и морална легитимност ја црпи од вредностите на АСНОМ и Илинден, од стремежот кон самостојна, достоинствена, праведна и европска Македонија. Од самиот почеток кажавме дека политиката за нас нема да биде натпревар за функции, туку натпревар за доверба и испорачување на резултати, во интерес на граѓаните и државата“, рече Димитриевски.

„Токму затоа, кога се создадоа услови да бидеме дел од Владата, не калкулиравме. Не ги баравме најлесните ресори, ниту позициите кои носат најмал политички ризик. Свесно ги презедовме Министерството за правда и Министерството за јавна администрација, два ресора кои со години беа симбол на застој, недовршени реформи и нарушена доверба на граѓаните во институциите. Денес, по две години, со право можеме да кажеме дека изборот што го направивме беше исправен. Во Министерството за јавна администрација се реализираа суштински реформи кои создаваат основа за професионална, ефикасна и департизирана јавна администрација. Додека, во Министерството за правда беше започнат најобемниот реформски циклус во последната деценија, со јасна цел, правосуден систем кој ќе биде предвидлив, ефикасен и во служба на правдата“, рече Димитриевски.

Тој истакна дека во разговорите со владиниот партнер, ВМРО-ДПМНЕ, околу реконструкцијата на Владата, Движењето ЗНАМ не настапувало од позиција на тоа колку ресори ќе добие, туку од позиција каде можело да даде најголем придонес за државата.

Борче Серафимовски е доктор по организациски науки, магистер по меѓународни односи, дипломиран бизнис менаџер и дипломиран дефендолог, а во изминатите две години ја извршуваше функцијата државен секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

„Она што за нас беше пресудно не се само неговите академски квалификации, туку фактот што доаѓа како човек кој веќе го познава системот, ги познава потребите на македонските земјоделци, ги разбира предизвиците со кои се соочува агросекторот и има капацитет веднаш да продолжи со реализација на започнатите политики. Уверен сум дека ќе ја оправда довербата што му ја даваме денес, исто како што тоа го направија и нашите досегашни министри“, рече Димитриевски.

Тој најави дека во согласност со коалицискиот договор, во септември ЗНАМ ќе преземе дополнителна одговорност со именување заменик-министер во едно од највлијателните министерства во Владата.